Водата во неколку струшки села не е за пиење

Во дел од градскиот водовод во Струга, како и во селските водоводи во струшкиот регион отсуствува средство за дезинфекција, а водата што ја конзумираат жителите на селата Мороишта и Калишта е микробиолошки загадена, покажаа последните анализи што ги изврши Регионалниот центар за јавно здравје.
- Дел од примероците на вода од градскиот водовод и селските водоводи во Струга земени и анализирани на 1.февруари во селата Мислешево, Мороишта, бензиската станица „Макпетрол“, како и во селото Калишта покажуваат дека таму не се користи дезинфекциско средство. Примероците на вода земени од селата Мороишта и Калишта пак, покажаа микробиолошко загадување, информира директорот на Центарот Атанаско Михаилов.
Како што појаснува тој, примероци на вода од селата приклучени на градски водовод биле земени и во текот на вчерашниот ден при што било констатирано дека концентрацијата на дезинфекциско средство е под минимално дозволената доза.
- Такви се анализите во селата Мислешево, Долно Татеши и Радолишта. Зголемена матност имаше во водата во селата Мороишта и Радолишта. Во тек се микробиолошките анализи на овие примероци, додава Михаилов.
Примероците вода земени денеска од градскиот водовод во Струга како и во руралните водоводи во регионот, според него, се уште се анализираат, а комплетните резултати ќе бидат готови за два дена.
Анализите од Центарот за јавно здравје како што појаснува Михаилов, навремено се испраќаат до Агенцијата за храна и Центарот за управување со кризи,за како што вели, понатамошно постапување од страна на инспекциските служби.
- Според информациите со кои располагаме, од страна на Агенцијата за храна е издадена забрана за користење на водата од водоводните системи во селата во струшкиот регион Мислешево, Биџево, Долно Татеши, Велешта, Радолишта и Калишта, информира директорот на Регионалниот центар за управување со кризи Атанаско Михаилов.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









