Преземени мерки за намалвуање на загаденсота на воздухот во Тетово

 

Градоначалникот на Тетово Теута Арифи и началникот на Секторот за внатрешни работи Фаредин Зенуни денеска на заедничка прес-конференција информираа за преземените мерки од општинскиот Акционен план за намалување на загаденоста во градот и неговата околина во изминатата недела, а предвидени по добиените препораки од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.

- На клучните точки како што се влез и излез од градот, односно кружниот ток кај „Веро“ и кружниот ток кај булеварот „Илинден“ со улицата „Видео Смилевски Бато“ општинскиот локален инспекторат заедно со тетовската полициска единица вршеа зачестени контроли со цел обезбедување посебен режим на сообраќај при што тешките товарни возила чија последна дестинација не беше градот Тетово, беа насочени по обиколниот пат. Беа извршени контроли и кај моторните возила за транспорт и снабдување со роба, при што тие беа задолжени транспортот на робата да ја вршат во период кога фрекфенцијата на сообраќајот е помала односно од 18:00- 08:00 часот  наутро, изјави Арифи.

Општина Тетово, информира таа, поседува план и одлука за спроведување на режимот за еднонасочни улици  заради што од страна на Секторот за сообраќај, патишта и градежно земјиште минатата недела беа поставени оштетените вертикални сообраќајни знаци на сите еднонасочни улици. Според неа, во наредниот период со асистенција на тетовската полициска единица ќе се вршат зачестени контроли со цел да се почитува режимот на еднонасочните улици во општина Тетово кое дејствување сметаме дека ќе влијае позитивно во одвивањето на сообраќајот во градот.

Во однос на индустриските капацитети кои поседуваат  Б еколошки дозволи, кои се даваат и непосредно се контролираат од страна на општина Тетово општинскиот инспекторат спровел зачестени контроли.

- При контролите во поголем број случаи е констатирано дека производствените капацитети располагаат со потребната документација, додека во оние случаи кога е востановено спротивното субјектите биле обврзани во предвидениот законски рок, кој предвидува 8 дена за да се снабдат со соодветните дозволи, а доколку не го средат тоа тие ќе бидат казнети со парична казна, рече Арифи.

Арифи посочи дека во согласност со веќе усвоената одлука во советот за основање на две нови јавни претпријатија и тоа за јавен превоз и за паркинзи во градот било побарано од  Министерството за транспорт и врски да ја снабди општина Тетово со осум автобуси за внатрешен градски превоз и оти се очекува одговор од нивна страна.

Началникот на СВР Тетово Фаредин Зенуни ги оцени како позитивни мерките што заеднички ги спровеле полицијата и локалната власт за подобрување на состојбите со сообраќајниот метеж во градот, а со тоа и за намалување на загадувањето на воздухот.

- Градоначалничката Арифи и општинските власти добија безрезервна поддршка од страна на полицијата. Сметам дека со мерките за ограничувањето на времето за истовар и утовар во определен временски рок, забраната за тешките камиони и автобусите на кои Тетово не им е крајна дестинација да не влегуваат во градот туку да се движат по обиколните улици и булевари, спороведувањето на режимот за еднонасочен сообраќај и другите заеднички активности ќе постигнеме подобро да се одвива сообраќајот во градот и да се намали загадувањето на воздухот, изјави Зенуни.

Во однос на проблемите со неправилното паркирање во Тетово, Зенуни изјави дека и покрај изречените 12 илјади казни токму за овој прекршок продолжува практиката за неправилно паркирање поради што тој уште апелираше до возачите за подигање на нивната свест со цел да се намали закрчувањето на сообраќајот низ градските улици предизвикано од неправилно паркирани возила. 

МИА

 

 

Оцени ја веста

03.02.2015 - 13:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега