Намален водостојот на Крива Река, се санираат штетите - состојбата будно се следи

 
Според информациите од Подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување од Крива Паланка, ситуацијата на територијата на подрачјето на Крива Паланка и Ранковце е стабилна, нивото на водите се намалува, а градежната механизација на терен ги санира настанатите штети од надојдените води.
 
- Неколку багери, камиони и скипови на ДЗС, АРМ и на локалната самоуправа на општина Крива Паланка вршат санација на штетите од последниот бран врнежи. На најкритичните точки се прават неопходните мерки за непречено функционирање на населението. Направен е одбрамбен ѕид за обезбедување на куќа во село Дурачка Река која беше поткопана, во месноста Мизовски ливади оспособен е патот кој беше однесен, а 400-тината жители кои беа отсечени од градот,но сега имаат комуникација со општината, додека по патот може да минуваат и лесни возила,изјави Зоки Павловски, раководител на Подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување од Крива Паланка.
 
Според Павловски превентивно направени се повеќе заштитни насипи, а обезбедени се и дел од пешачките мостови за да не дојде до нивно уривање.
 
- Заштитен е од дополнително оштетување пешачкиот мост кој води кон средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, извршено е чистење на пропустот на Белевски дол кај магистралниот пат на влезот во градот, исчистено е едно свлечиште на патот кон село Станци, а од коритото на Крива Река кај Мизовски ливади се извадени повеќе големи стебла од дрвја и направени се насипи за да не дојде до повторно излевање на реката, изјави Павловски.
 
Инаку, Павловски потенцираше дека во текот на вчерашниот ден како раководител на подрачното одделение на ДЗС од Крива Паланка заедно со двајца претставници од Подрачното одделение од Куманово направиле целосна обиколка на критичните места во Крива Паланка и Ранковце, на Крива, Дурачка и Ранковачка  Река и донесен е заклучок дека нема опасност од ново поплавување на земјоделски површини и објекти.
 
- Ситуацијата во моментов е стабилна, нивото на Крива Река денес на мерната станица изнесуваше 43 што е релативно ниско по однос на највисокиот водостој измерен за време на поплавите кој достигна до 95, додаде Павловски. 
 

 

Оцени ја веста

03.02.2015 - 13:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега