Се излеа браната Калиманци, надлежните на терен со жителите
Заради брзото топење на снегот на повисокоте места, попладнево дојде до очекуваното излевање на браната Калиманци и поплавување на регионот каде поминува реката Брегалница и сите нејзини притоки и помали реки како Оризарска река, Кочанска река, Зрновска река и Суводолица.
Во општина Чешиново-Облешево веќе има големи поплави, а вечерва на удар на поплавите се очекува биде Штип.
Најзагрозено место е населбата Ново Село во Штип, каде се очекува околу 20 часот да надојде вода од еден и пол метри над улицата. Премиерот Никола Груевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, министерот за транспорт Миле Јанакиески, заменик министерот за земјоделие Ванчо Костадиновски и државниот секретар во министерството за одбрана Сашо Стефановски речиси цел ден се во Штип, Чешиново- Облешево и другите загрозени подрачја во регионот, заедно со градоначалниците, пратениците и жителите.
Премиерот и неговите соработници ќе останат и вечерва заедно со жителите во овој регион, обидувајќи се да помогнат во активностите во кои се вклучени АРМ, МВР, Агенцијата за спасување и сите други државни институции кои можат да помогнат
Се алармираат жителите на брегалничкиот регион во загрозените подрачја итно да се евакуираат, особено оние кои немаат втор кат во куќите и особено децата, жените, старите лица и болни лица.
Исто така потребна е брза евакуација на добитокот, преместување на моторните возила, земјоделска механизација и вредни работи. Поплавата во текот целата ноќ ќе се зголемува до рано изутрина. Се очекува од утре да почне постепено намалување на надојдените води.
И бунарите за вода во Штип поплавени. Водата не смее да се користи за пиење туку само како техничка вода. Кризниот штаб во Штип ги повикува жителите на Ново Село, а особено постарите лица, жеите и децата ноќта да ја минат надвор од нивните домови. Оние кои немаат каде да преноќат ќе бидат префрлени во касарната во Штип којашто има доволно капацитет да ги прифати.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









