ДС бара комплетно расчистување со случајот „Пуч“
Во врска со презентираните информации за сомненија за обид за државен удар, Демократскиот сојуз (ДС) укажува на потребата Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и судот, да работат јавно и транспарентно и да ги објават сите релевантни докази и факти врз основа на кои се темели судската постапка против четири лица, меѓу кои и претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
За ДС е крајно неодговорно и неприфатливо да се користат уцени и закани во политичката борба.
- Се работи за тешки обвинувања, поради што инсистираме судот да покаже висок степен на резистентност и да не потпаѓа под било какви влијанија и притисоци. Овој случај може да се разреши само со целосно почитување на владеење на правото, стои во денешното соопштение од ДС.
Демократскиот сојуз инсистира на целосно расчистување на сите аспекти во врска со сомненијата за насилство спрема претставници на највисоките државни органи како и шпионажа, со цел да не се заоструваат и ескалираат политичките состојби, меѓусебните обвинувања и поделби.
Како што стои во соопштението, ДС повикува на разумно, одговорно и внимателно однесување од страна на сите политички партии, при што наша цврста определба е наместо тајни разговори, улична демократија и слично, сите политички несогласувања да се решаваат преку дијалог и во рамките на институциите. Демократскиот сојуз предлага за сите отворени прашања да се отвори расправа во рамките на Парламентот.
- Само со објективно и целосно информирање, граѓаните ќе можат да го донесат конечниот суд за целокупните состојби во државата, поради што Демократскиот сојуз го повикува СДСМ да ги објави сите информации кои подолго време ги најавува, се подвлекува во соопштението од ДС.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









