Дијаспората ги осуди осомничените во „Пуч“

 

Повеќе здруженија на Македонци од дијаспората ги осудија постапките на осомничените во акцијата „Пуч“ и побараа нивна одговорност.

Редакцијата на Македонско-американскиот неделник изрази разочараност од последните случувања во Македонија и оцени дека тоа е удар кон уставниот поредок на државата.

- Првпат во нашата историја сме соочени со сценарија за насилно превземање на власта во државата, сценарио на еден политичар кој не бира средства и начини да дојде до власт, дури и кога тоа значи соработка со странски тајни служби и за туѓи интереси. Ова е удар кон уставниот поредок на државата, удар по легитимно избраните претставници на народот кои добиваат подршка на избори, но и удар кон нашето достоинство и кон нашата татковина. Вакви дела несмеат да поминат неказнети. Зоран Заев мора да сносни одговорност за своите постапки, за ова велепредавство на сопствената држава и народ, кое ќе има далекусежни последници по угледот на Македонија но и за нас Македонците секаде во светот, се вели во реакцијата.

Здружението на граѓани „Македонски корени“ од Њу Џерси смета дека лидерот на СДСМ треба се извини за своите постапки и да сноси одговорност.

- Помислата дека и по две децении независност и сувереност, некој се уште сака да ја потресува Македонија одвнатре, не вознемирува и загрижува. Зарем неможе поинаку да дојде на власт, па Зоран Заев мора да соработува со странски тајни служби за да ја сруши сегашната?, прашува Здружението.

Оттаму оценуваат дека последниците од неговите постапки ќе влијаат негативно и на Македонија и на македонскиот народ.

- Нашата макотрпна работа да ги доближиме македонските вредности до сите жители на Америка ќе паднат во вода кога овој скандал ќе се раскажува во медиумите. Уште едно предавство во низата на предавства кои оваа партија ги направи на нашиот народ, се вели во писмото.

Од здружението „Обединети Македонци“ во Канада истакнуваат дека не се изненадени од постапките на лидерот на СДСМ и оти последните случувања се само континуитет на работењето на оваа партија.

- Срам не само за него лично, за неговата партија, туку срам за секој Македонец и за нашата татковина, се вели во писмото. 

Македонската заедница во Данска оценува дека е низок ударот на лидерот на СДСМ и им дава поддршка на државните институции во целосно расчистување на случајот.

- Во време кога ние како Македонци сме изложени на постојани искушенија од страна на нашиот јужен сосед и кога со сите сили се бориме да го зачуваме нашето име, јазик, идентитет и достоинство, несмасно е од страна на Заев да се служи со ваква валкана игра поигрувајќи си со националните чувства на македонскиот народ. Покрај тоа што ваквата алчност за власт е на штета на целата наша држава, ова исто така е потценување и на членовите и симпатизерите на СДСМ, кои со овие дејствија на Заев стануваат негови заложници во борбата за власт, вели македонската заедница од Данска.

Од Македонско друштво „Илинден” од Тирана и Македонско друштво “Илинден”-Тирана Огранок Голо Брдо истакнуваат дека политиката на закани и уцени е удар врз основните фундаменти на демократското општество и оти постапките на СДСМ ќе имаат несогледливи последици како на домашен, така и на меѓународен план.

- Социјалдемократскиот сојуз како најголема опозициона партија во сите овие изминати години не успеа да го подигне својот демократски капацитет и проблемите да ги решава во Собранието на Република Македонија како највисок орган во државата. Лидерот на најголемата опозициона партија наместо своите легитимно избрани пратеници да ги внесе во светилиштето на демократијата, Собранието на Република Македонија, на најнедоличен начин со уцени и закани, под директива на тајни странски служби кои работат на уништување на нашата татковина, го уценува целиот легитимно избран државен врв, го уценува македонскиот народ, се наведува во писмото. 

 

 

Оцени ја веста

01.02.2015 - 14:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега