Иванов на одбележување на празникот свети Атанасиј во Тетово
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов присуствуваше на денешното одбележување на православниот празник свети Атанасиј зимски во манастирот „Свети Атанасиј Балтепе“ на Тетовското кале.
Протоереј Дарко Наумовски од Тетовското арихиерејско намесништво на Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ - ОА отслужи празнична утрена и света божествена литургија, а потоа изврши водосвет и ги прережа кумските колачи.
- Свети Атансиј архиепископот Александриски е еден од стожерите и столбовите на православието, кој учествувал на првиот вселенски собор, го напишал симболот на верата и ги сузбивал сите ереси во нашата света православна црква. Секоја година традиционално ваква е посетеноста на Калето. Луѓето доаѓаат да се поклонат пред светињата на нашиот заштитник и закрилник светиот Атансиј архиепископот Александриски, изјави протоереј Наумовски.
Тетовци традиционално со подготвување на скари во близина на манастирската црква го прославуваат овој ден, а секоја година има и кумови, кои ја подготвуваат празничната трпеза. Народната веселба трае до доцна во денот без разлика на временските услови.
- Оваа година кумови се 12 луѓе од населбата Колтук. Се надевам дека традицијата ќе продолжи и се помасовно да бидеме на Тетовско кале, рече Жарко Ѓорѓески, еден од кумовите.
Освен на Балтепе празникот посветен на овој светец во тетовско се одбележува и во селата Седларце, Брвеница и Сиричино каде има цркви посветени на свети Атанасиј.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









