Обрван e горд на Ангелов
Македонскиот селектор Ивица Обрван не го криеше задоволството по најновиот триумф на нашиот национален тим, со кој беше освоено второто место во групата и обезбедено осминафинале против Словенија, што значи и посакувано избегнување на дуел со домаќинот Катар.
„Честитки до Австријците на фер и коректната игра, но и на моите играчи за остварената првична цел – пласман на второто место во групата и во осминафиналето. Ова беше тешка средба за нас, и на физички и на психолошки план, собравме сили да го добиеме овој цврст противник и презадоволен сум поради тоа. Остваривме победа од пет гола разлика над тежок ривал, сега на ред е Словенија. Можеби ќе звучи неверојатно, но јас досега воопшто не размислував за Словенците, бев фокусиран на досегашните ривали, а од вечерва ќе ги почнеме подготовките за осминафиналето. Според мене Словенија е поквалитетен ривал од Катар, но Катарците се домаќини, па најверојатно е подобро што во првата нокаут фаза ќе играме токму против Словенците“ – изјави Обрван.
Селекторот упати комплименти на адреса на голманот Петар Ангелов, кој се прикажа во добро светло откако влезе во игра на местото на Борко Ристовски.
„Ангелов влезе во игра и покажа карактер, имаше огромна желба за да го смени текот на натпреварот. Горд сум на него како и на секој друг играч што ќе покаже таква сила, мислам дека поголемиот дел од играчите денеска одговорија на предизвикот и одиграа на многу високо ниво. Борко Ристовски бранеше во одлична форма на досегашните средби, а Ангелов покажа дека во секое време може да се смета и на негова помош“ – истакна македонскиот кормилар
Извор Екипа
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа