Иванов ги прими акредитивите на новите амбасадори на Канада, Намибија и Екваторијална Гвинеја

 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Канада, на Република Намибија и на Република Екваторијална Гвинеја за Република Македонија.

Како што соопшти Кабинетот на Претсдеателот, на средбата со новоименуваниот амбасадор на Канада, Филип Пинингтон, претседателот Иванов, истакна дека Република Македонија ќе продолжи да придава големо значење на натамошното унапредување на севкупните односи, со фокус на интензивирањето на економската соработка, трговијата и инвестициите, како и на унапредување на правната рамка. Македонскиот претседател изрази благодарност за континуираната и безрезервна поддршка што Канада ѝ ја дава на Република Македонија, во процесот на нејзиното евроатлантско интегрирање.

- Во претстојниот период се надеваме на уште позасилена поддршка и лобирање од влијателна Канада во рамките на Алијансата, со цел што поскоро ефектуирање на поканата за заслуженото членство на Македонија во Алијансата, порача во поздравниот говор Иванов, и додаде дека Република Македонија континуирано ја докажува својата посветеност за вредностите што ги споделуваат членките на НАТО, во насока на заштита на регионалниот и на светскиот мир и безбедноста, вклучително и преку учеството на македонските војници во меѓународните мировни мисии.

Средбата по повод предавањето на акредитивните писма од страна на амбасадорот на Намибија,  Симон Мадјумо Марута, беше искористена за реафирмирање на заедничката желба за развивање на соработката меѓу двете земји, како на билатерален така и на мултилатерален план.

- Посебно би сакал да ја истакнам нашата желба за збогатување на нормативно-правната рамка за уредување на билатералните односи и соработка, како и нашиот интерес за испитување на можностите и воспоставување економска соработка, истакна претседателот Иванов.

На средбата по повод предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Екваторијална Гвинеја, Сесилиа Обоно Ндонг, претседателот Иванов го нагласи интересот за поинтензивно развивање на пријателските односи меѓу двете земји во сите сфери од заеднички интерес.

- Ја користам оваа пригода, да ја нагласам нашата подготвеност за содржинско унапредување на меѓусебната соработка, подеднакво на билатерален и на мултилатерален план. Верувам дека и Вие со Вашиот ангажман, ќе дадете свој придонес во оваа насока. Бидете уверени дека во вршењето на Вашите дипломатски должности ќе ги уживате нашата целосна поддршка и помош, рече македонскиот претседател, се вели во соопштението.

 

 

Оцени ја веста

22.01.2015 - 18:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега