Жељко Јоксимовиќ и Милевски во Охрид го презедоа кумството

 

Празнувањата на Богојавленските празници во Охрид денеска продолжија со свечена литургија во црквата Свети Никола – Геракомија и чинот на примопредавање на кумството за Водици за 2015 година на новите кумови - бизнисменот од Кичево Зоран Милевски и балканската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ.

Јоксимовиќ после преземањето на кумството изјави дека голема чест за него е што му е дадена можноста овие празнични денови да биде тука во Охрид и да биде кум за овој голем христијански празник.

- Минатата година бев тука и многу ми се допадна целата оваа манифестација, начинот како тука се одбележува празникот. Се надевам дека сето ова ќе прерасне во манифестација од поширок меѓународен карактер, на која што повеќе луѓе ќе видат како народот тука ги негува вистинските вредности и го слави Христовото име, изјави Јоксимовиќ, кој во Охрид е со најблиските од семејството - неговиот татко, сопругата и синот.

Тој изрази уверување дека во Охрид ќе мине прекрасни денови, забележувајќи дека после денешната литургија и преземањето на кумството лично се чувствува како охриѓанец.

Неговиот пријател и партнер во кумството Милевски на сите православни христијани им го честита празникот, посакувајќи им здравје и среќа за целата година, изразувајќи благодарност што е кум на манифестацијата.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, инаку кум на манифестацијата за минатата година, во оваа прилика им го честита кумството на новите кумови, посакувајќи им се најдобро во 2015 година, здравје и среќа во нивните семејства, со порака позитивните вредности да ги споделуваат со најблиските, пријателите и двата братски народи.

Од Здружението за целосна афирмација на МПЦ „Богојавление“ што повеќе од деценија е организатор на манифестацијата и оваа година очекуваат масовност на настанот потврдена со големиот број пријавени капачи, но и најавени гости што ќе дојдат да ја проследат манифестацијата.

Прославувањето на големиот верски празник Свети Јован Крстител, задутре на самиот ден на празникот 19 јануари, почнува рано изутрината со богослужби во сите парохиски цркви во Охрид и Дебарско-кичевската епархија. Во 9 часот Централната црковно-народна манифестација се префрла на Градското пристаниште во Охрид, каде ќе се одржи и главниот настан – фрлањето на Светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро. И оваа година предвидено е да биде спроведено и масовно крштевање во осветените води на езерото, во 14 часот кај месноста Сараиште.

На штандови во центарот на градот за посетителите бесплатно ќе се служи вино, топла ракија, пача, пржени плашици.

За што поголема посетеност на Охрид за празниците, хотелите на охридската ривиера нудат промотивни цени за сместување, а угостителските објекти и до 30 отсто попуст на услугите.

Традиционално прославувањето на празникот Богојавление ќе биде заокружено со Денот на рибарите, кога во минатото се означувал крајот на мрестот на пастрмката и стартот на нејзиниот излов. Години наназад на 20 јануари рибарите се капат во езерото и натпреваруваат кој прв ќе доплива до бурињата со вино што организаторите ги фрлаат во осветените езерски води.

И оваа година манифестацијата ќе биде збогатена со програма, во чии рамки ќе се готви рибна чорба чија изработка ќе ја спонзорира ресторанот „Тино“, а ќе ја приготвуваат наставници и ученици на Средното угостителско-туристичко училиште „Ванчо Питошески“. Чорбата ќе се приготвува во голем казан од 2,5 тони, а специјалитетот ќе биде наменет за сите посетители присутни на манифестацијата.

Покрај богатата музичка програма и оваа година ќе биде претставен и риболовен алат и фотографии од рибарското минато на градот.

 

 

Оцени ја веста

17.01.2015 - 14:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега