Амбасадорот Волерс на проштална средба кај Вељаноски

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денеска го прими во проштална средба амбасадорот на САД Пол Волерс. На средбата заедничка била оценката дека соработката се одвивала на исклучително високо ниво со взаемно разбирање и пријателство.
Република Македонија во САД гледа голем пријател кој секогаш излегува во пресрет на нашата држава и нејзините граѓани, истакнал на средбата Вељаноски и се заблагодарил за досегашната поддршка која ја добива Собранието на Република Македонија.
Тој изразил надеж дека и во иднина ќе продолжи поддршката која САД и ја даваат на Република Македонија и оти што поскоро ќе се исполни најважната стратешка цел на Република Македонија, а тоа е членството во НАТО и во Европската унија. Како што соопштио Кабинетот на претседателот на Собранието, двајцата соговорници се согласиле дека евроатланската интеграција на Република Македонија е од исклучителна важност, како за регионот, така и за Европа во целост.
Амбасадорот Волерс го искажал задоволство од соработката со Собранието на Република Македонија и со претседателот Вељаноски која ја имал во својот мандат. Тој истакнал дека во иднина се надева на зголемување на бројот на посети од страна на американските конгресмени и сенатори и на тој начин да се продолжи континуитетот на соработката.
Вељаноски му посакал успешна работа на амбасадорот Волерс во неговите идни задолженија и ја потенцирал отвореноста на Собранието за соработка и за непосредна и континуирана комуникација со Амбасадата на САД во Република Македонија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









