Започна манифестацијата „Звегорска сурва“

Манифестацијата започна утрово со обичајот „Сурва нова година“ во кој се вклучени деца кои во групи опремени со суроваски ги гонат селските кучиња извикувајќи „Сурваааа... и одат од куќа на куќа, пеејќи василичарски обредни песни. Домаќините ги даруваат гостите - сурваскари со јаболки, ореви, бонбони, гурабии и други дарови.
Утре е централната прослава на „Звегорска сурва“, кога се прави „Василичарската свадба“. Во неа учествуваат сите жители на селото, но главни актери се зетот, невестата, кумот и сватовите, кои маскирани одат по улиците низ селото и ги посетуваат сите домаќинства на кои им ја честитаат Новата (сурва) година и им делат благослови за добро здравје, ксмет и бериќет. Домаќините, пак, ги почестуваат со грејана домашна ракија, свинско месо, сирење и им ги полнат торбите со грав, компири, суви пиперки и други прехранбени артикли. Од собраните дарови се подготвува „василичарска свадбена трпеза“ за сите учесници и гости на манифестацијата.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









