Во Охрид ќе врие од гости за Водици

Богата културно-уметничка програма со сите религиозни обичаи и почитување на старата охридска традиција, најави денеска охридскиот градоначалник Никола Бакрачески за време на одбележувањето на големиот православен христијански празник Богојавление –Водици во Охрид.
Како што додаде тој, чествувањата ќе траат пет дена, почнувајќи од 16 јануари.
-На 16 Јануари програмата ќе ја започнеме со настап на културно-уметничките друштва од Охрид, а следниот ден, концерт ќе одржи Каролина Гочева. Согласно религиозните обичаи и традицијата, на 18 јануари, на празникот Водопост нема да има музичка програма. На тој ден во Куќата на Уранија ќе биде доделена Светската награда за хуманизам на Џон Ралстон Сол, а младите уметници од ликовната колонија „Мал Битолски Монмартр“ ќе изведуваат дела со мотиви од празничната атмосфера во Охрид. Ќе биде прикажан и
документарниот филм „Водици-Охрид“, најави Бакрачески.
Како што беше обелоденето на денешната прес-конференција, на 19 јануари во 7 часот ќе започнат богослужбите во охридските цркви. Два часа подоцна на градскиот плоштад ќе настапат охридските хорски состави, а во 10 часот ќе следува чинот на осветувањето на водите во Охридското Езеро и фрлањето на светиот крст во нив.
На градскиот плоштад и на пристаништето на Водици бесплатно ќе се служат топла ракија, вино, плашици и пача, а и угостителските објекти, според Бакрачески, се веќе подготвени за одбележување на празникот, како што рече, намалувајќи ги цените на нивните услуги.
-Седумнаесет хотели најавија големи попусти, од 30 до 50 проценти, така што сместувањето ќе чини од 10 до 25 евра, а во одбележувањето на празникот се вклучија и рестораните кои ќе даваат 30-процентен попуст на нивните услуги, истакна градоначалникот Бакрачески.
Годинава , како што најави тој, се очекува поголема масовност за време на празнувањето.
-Очекуваме бројот на посетители да надмине 30 илјади. Најголемиот дел од гостите се очекува да дојдат од нашите соседни земји, Бугарија и Србија, но и од Албанија и Грција, нагласи Бакрачески.
Митко Пендов од Здружението за поддршка и афирмација на МПЦ „Богојавление“ кое веќе 14-та година учествува во организацијата на овој голем верско-туристички настан, потврди дека од година во година, се зголемува бројот на гости кои за Водици се присутни во Охрид.
-Ќе бидеме добри домаќини, ќе го презентираме Охрид и старата традиција во најдобро светло. Минатата година 1150 капачи скокаа во осветените води на Охридското Езеро од кои 100-тина беа од другите градови или од други земји. Сметам дека годинава ќе имаме над 150 капачи од странство, рече Пендов.
Годинешни кумови на празникот Водици во Охрид се српската естрадна ѕвезда Жељко Јокисмовиќ и кичевчанецот Зоран Милевски. Кумството ќе им биде предадено на 17 јануари кога се очекува тие во Охрид да пристигнат заедно со своите семејства.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









