Сообраќајот на Пресека се одвива забавено

На патниот правец Кичево - Охрид кај планинскиот премин Пресека дозволен е сообраќај само за патнички моторни возила. Поради остатоци од снег, сообраќајот се одвива забавено и се препорачува внимателно возење и поседување на зимска опрема во возилата, информираа утрово од АМСМ.
Забрана за тешки товарни возила има на патните правци Гостивар - крак Маврово - Дебар, Тетово – Попова Шапка, Тетово – граничен премин Јажинце, Стража, Дебар - Струга, Буково, Ѓавато, Струга – граничен премин Ќафасан и Крива Паланка - г.п. Деве Баир.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива во зимски услови, со остатоци од кашест снег на коловозот. Снег со слаб интензитет паѓа на планинските премини Стража, Пресека и Плетвар, во Битола, Македонски Брод, Железнец, Удово, како и на зимскиот пункт Кула.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони. Поради ниски температури можна е појава на голомразица.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









