Екипите на ЕВН деноноќно на терен - се стабилизира енергетската мрежа

Урнати столбови, искинати кабли, паднати бандери. Обилните снежни врнежи предизвикаа дефекти на дистрибутивната мрежа.По снежното невреме и силниот ветер во изминатите два дена, се стабилизира енергетската мрежа во земјава, пишува Лидер.
Ситуацијата со снабдувањето со електрична енергија, посебно во охридско- струшкиот регион, кој најмногу беше на удар од снежното невреме, се нормаизира, иако во некои рурални средини, кои се недостапни за екипите на надлежните, сеуште нема електрична енергија. Според најавите, се очекува во текот на денешниот ден и најзавеаните делови од земјава да добијат струја.
Екипите на ЕВН Македонија деноноќно се на терен и работат на отстранување на дефектите и се обидуваат да стигнат до најнепристапните места, соопштија синоќа од компанијата.
Од компанијата наведуваат дека поради големото невреме проследено со обилни врнежи од снег и ветер, дистрибутивната мрeжа на ЕВН Македонија во регионот на Дебар, Струга и Охрид претрпе големи штети. Најчестите дефекти се на 35 и 10 киловолтни далекуводи, кај кои заради големите наноси на снег, столбовите се паднати или искривени. Голем проблем за екипите кои работат на санирањето на мрежата, е непроодноста на патот од Струга до Дебар, па затоа дополнителни екипи не се во можост да стигнат на отстранување на дефектите во дистрибутивната мрежа.
Се очекува прекините да бидат санирани во најбрз можен рок
Бројот на електромонтажери е зголемен од надворешни фирми кои се подизведувачи на ЕВН и сите се упатуваат на местата каде корсниците се без напојување. Овие дефекти се на најнепристапните места каде механизацијата не може ни да допре, поради што екипите на ЕВН се упатуваат пеш, во координација со владиниот кризен штаб и кризните штабови на локалните самоуправи на Охрид и Струга. Како се пробиваат патиштата, така екипите на ЕВН ги отстрануваат дефектите– велат од ЕВН Македонија.
Според динамиката на работа, најавено е дека во текот на денешниот ден до 14 часот ќе биде нормализирано снабдувањето во Вевчани, Октиси, Лабуништа, Подгорец и Боровец.
Општина Вевчани, Лабуништа, Октиси и Боровец ќе добијат струја до утре во 14 часот. Половина од населените места во општина Дебрца ќе добијат струја во текот на ноќва, а останатиот дел утре. Охридските села Велмеј и Брежани ќе добијат електрична енергија утре, а Белчишта и Ботун уште вечерва. Поголемиот дел од Дебар веќе има електрична енергија, а мал дел од оваа општина ќе добие струја утре, изјави вчера вечер министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, после средбата со локалните власти со надлежните служби во Охрид.
Од ЕВН апелираат граѓаните да не ги вклучуваат оддеднаш сите електрични уреди кога повторно ќе бидат приклучени, туку тоа да го прават постепено, за да не се преоптовари електро дистрибутивната мрежа.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









