Груевски се обрати на работниот состанок со шефовите на Дипломатско-Конзуларните претставништва на РМ

Во Министерството за надворешни работи денеска започна годишниот работен состанок со шефовите на Дипломатско-Конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.
Со работниот состанок претседаваше министерот за надворешни работи Никола Попоски, а свое излагање имаше и претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски. На состанокот присуствуваа и министрите Владимир Пешевски, Беким Незири, Веле Самак, Бил Павлевски, Фуркан Чако, Џери Наумоф, како и директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Министерот Попоски даде осврт на актуелната политичка ситуација и релациите на Р. Македонија со непосредните соседи оценувајќи ги како многу важни, додека евроатлантската интеграција е без алтернатива и приоритет на нашата надворешна политика.
Економската дипломатија останува клучна компонента на македонската дипломатија во насока на привлекување странски инвестиции и креирање на нови работни места, подвлече Попоски.

Македонската дипломатија е способна да дава значителни економски резултати, а индикатор за тоа е и скорешната најава за инвестиција на фирмата CAP-CON, која произведува автомобилски делови, а е минатогодишна иницијатива на Генералниот конзулат во Њујорк.

Попоски најави дека е во план да се постават нерезидентни амбасадори со седиште во Скопје кои ќе покриваат некои земји од интерес за Македонија, а каде што немаме претставништва, во насока на постигнување поголема ефикасност со пониски трошоци. Минатата година бележи и зголемено дипломатско присуство на Република Македонија преку отворањето на три нови амбасади - во Јапонија, во Казахстан и во Обединетите Арапски Емирати.

На амбасадорскиот совет беше презентирана работата и постигнувањата на Шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва. Се направи сеопфатен преглед на сите настани што се случија во изминатата година, и се дадоа упатства и насоки за планираните активности нa македонската дипломатија за 2015 година.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









