Лавот како симбол е прифатлив за албанските историчари
Предлогот на Владата на Република Македонија за измена на државниот грб беше тема на денешната јавна дебата во организација на Државниот универзитет во Тетово, на која учествуваа историчари Албанци од Македонија, како и гости од Косово и Албанија, јавува МИА.
Деканот на Правниот факултет на ДУТ Мерсим Максути посочи дека грбот претставува една од најважните работи на оваа земја и една од најважните вредности што произлегуваат од Охридскиот договор.
Според него, ова прашање е регулирано со закон и се усвојува со двотретинско мнозинство и гласање по принципот на Бадентер.
Албанологот и професор од Албанија Плумб Џуфи појасни дека лавот се појавува на неколку албански семејни грбови во 12. и 13 век.
Мотивот на лав, кој се појавува во доказите од 12. и 13 век, како што рече, се сретнува и кај Скендер Бег во времето кога неговата држава била консолидирана.
- Лавот порано бил грб на антички племиња, кнежевства и на аристократски семејства и во 12 век го сретнуваме кај Антон Скура во Манастирот на Лежа, а го имаме и кај Топијат. Лавот што го сретнуваме кај овие двајца принцови, го наоѓаме и кај Ѓерѓ Кастриот Скендербег во зрелата фаза на неговата држава, рече Џуфи.
Поентата е, потенцира, дека историски лавот се среќава на еден поширок терен, но и во Албанија. Додаде дека Албанија била првата држава која била во контакт со, како што рече, западните бранови, а албанските принципати ги прифаќале симболите во нивните грбови.
Професорот по римско право на ДУТ Башким Селмани истакна дека симболот на лавот е симбол уште од римската империја во која лавот ги претставувал победниците во битките.
Историчарот Шуќури Нимани смета дека е добро што се организираат вакви дебати, на што се надоврза и Катерина Тодорова од Институтот за историја на РМ, која исто така даде поддршка за дебати од ваков тип.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









