Бесими-Могерини: Македонија и регионот остануваат во фокусот на проширување на ЕУ

Според информациите од кусиот состанок во зградата на Европската служба за надворешни односи (ЕЕАС), македонскиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции побарал од наследничката на Кетрин Ештон да се изнајде начин за покренување на иницијатива или директни разговори како по примерот на Слвоенија и Хрватска, односно меѓу Белград и Приштина и за спорот на Македонија и Грција, со цел да се откочат евроинтеграциите на нашата земја.
- Денешната средба со Могерини беше исклучително важа оти доаѓа една недела пред Самитот на Европскиот совет. Јас укажав за нашиот интерес за членство во ЕУ и сите напори за спроведување на реформите што ги правиме во тој правец, како и нашата отвореност во однос на решавање на отворените прашања со соседите. Тоа што го слушнав од страна на Могерини е дека Македонија и регионот остануваат во фокусот на проширување на Европската унија, без разлика што не се очекува прием на нова земја за членка во ЕУ во наредните пет години. Сепак, проширувањето останува во фокусот на Унијата и тоа е важна вест - истакна вицепремиерот Бесими во изјава за МИА по средбата.
Втора тема што ја била покрената на средбата Бесими-Могерини е отвореното прашање со соседите, односно, како што рече заменик-претседателот на македонската Влада - пред се прашањето за спорот за името.
- За ова од нас очекуваат резултати и напредок, односно билатерално да се реши овој спор во рамки на Обединетите нации. Ние покренавме прашање дека за Македонија е важно да добие датум за преговори, да се отворат преговарачките поглавја и да се обнови на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД). Тоа е она што е значајно за Република Македонија, за реформите што ги остваруваме и нивниот квалитет - дециден е Бесими.
Меѓуетничките односи и политичкиот дијалог, според Бесими, исто така биле тема на средбата со Могерини, која е прва на Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ со македонски претставник по нејзиното именување на новата позиција.
Инаку, средбата Бесими-Могерини доаѓа по синоќешниот состанок на амбасадорите на земјите-членки во Брисел во рмкаи на КОРЕПЕР-групата во Советот на ЕУ, каде по предлог токму на ЕЕАС, а под блокада на Грција, уште еднаш е одбиена шестата последователна препорака на Европската комисија за отворање на преговорите за членство на Македонија во Унијата и усвоен е заклучок: “Европскиот совет да се врати на ова прашање во 2015 година, а по ажурирање од страна на Комисијата и превземени видливи чекори на земјата во однос на добрососедските односи и прашањето за името”.
Оцени ја веста
11.12.2014 - 20:10
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа