Јашари го посети затворот во Шутка
Министерот за правда Аднан Јашари денеска го посети затворот во Шутка каде одблиску се запозна со техничките, санитарните услови и со актуелната општа состојба во затворот.
Како што соопшти денеска Министерството за правда, Јашари ги посетил сите одделенија на затворот за да ја види актуелната општа состојба на ова институција и најавил дека Министерството во соработка со Управата за извршување на санкции и во иднина интензивно ќе работат за да се подобри состојбата на затворите во Република Македонија.
За време на посетата, министерот Јашари остварил средба со директорот на затворот Александар Ѓеорѓиевски и директорката на Управата за извршување на санкции Лидија Гавриловска.
Директорот Ѓеорѓиевски го известил министерот Јашари за вкупниот број затвореници и на притворените лица, како и за природата на кривичните дела за кои се лишени од слобода.
Тој изјавил дека казните во овој затвор ги издржуваат само лицата од машки пол кои прв пат извршиле кривично дело и кои се осудени со правосилна пресуда на казна затвор во времетраење од 3 години, како и лицата кои се рецидивисти и се казнети до 6 месеци по пресметување на притворот.
Во затворот Скопје - Скопје, стои во соопштението, се наоѓа и најголемото одделение и истовремено најбезбедно за извршување на мерката притвор на целата територија на Република Македонија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа