Со проектот за превентивни лекарски прегледи спречени многу болести кај осигурениците

 

Фрапантни се резултатите од Проектот за превентивни прегледи кај матичните лекари, проект на ФЗОМ и матичните лекари поддржан  од Владата на Р.Македонија. По првите 6 месеци од започнување на проектор од 325.000 лица кои што биле на преглед кај матичниот лекар кај 55.000 лица е откриен ризик од срцеви заболувања, кај  45.000 лица ризик од дијабетес и дијабетес и кај 12.000 лица е откриен  ризик од бубрежни заболувања. Со овој проект за прв пат е воведена здравствена статистика кај осигурениците од 14 до 65 години.

Ова денеска го истакна директорката на ФЗОМ Маја Парнарџиева-Змејкова која напомена дека овие бројки се однесуваат само за првата половина од 2014 година, а оваа активност за превентивен скрининг треба да се заокружи на крајот на 2015 година.

-Со рано откривање на овие болести здравствените работници и фондот спречија: ампутации кај дијабетично стапало, слепило предизвикано од дијабетес, спречување на мозочни и срцеви удари, компликации од мозочни и срцеви удари како што се губење на од и говор, одземеност на екстремитети, генерална инвалидност, се одложува дијализа кај бубрежно болните и се спречува предвремена смрт, истакна Парнарџиева-Змејкова.

За сите пациенти каде навремено се откриени овие болести, главната терапија ќе биде здрава исхрана, редовна физичка активност, здрави навики, почитување на препораките на докторите.

Со овој проект за прв пат се  спроведе и здравствена статистика кај осигурениците од 14-65 годишна возраст.

-Податоците кои за прв пат се објавуваат се поразителни посебно кај младата популација. Од 14-24 годишна возраст 27,1 % (30.000) се пушачи (меѓународно 22% и секоја година се намалува) , 0,1% се корисници на опојни дроги. Доколку овие навики  не се прекинат, понатаму во животот ќе предизвикаат сериозно нарушување на здравјето и овие млади лица, ќе се најдат во црната статистика на хронични пациенти, истакна Парнарџиева-Змејкова.

Таа ги повика сите граѓани кои биле повикани од својот матичен лекар, а не го направиле прегледот да се јават кај својот матичен и да го направат превентивниот преглед.

-Овој мега проект нема за цел статистичко евидентирање туку грижа, едукација на пациентите и навремено откривање на скриените заболувања. Лошата статистика нека има за цел да не поттикне сите нас да го извршиме овој превентивен преглед и во наредните 10 години да бидеме сигурни дека нема да бидеме црна бројка, потенцираше таа.

 

 

Оцени ја веста

28.11.2014 - 13:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега