Иванов приреди традиционален ручек за амбасадорите од Вишеградската група

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска беше домаќин на традиционалниот работен ручек со амбасадорите на земјите - членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.

На средбата присуствуваа амбасадорот на Унгарија, Јожеф Бенце, амбасадорот на Чешка, Мирослав Рамеш, амбасадорот на Словачка, Мартин Бежак и амбасадорот на Полска, Јацек Стефан Мултановски.

Кко што соопшти Кабинетот на претседателот, теми на разговорите беа политичките односи, македонските евроатлатнски интеграции, соработката во сферата на економија, како и регионалната и мултилатералната соработка.

Претседателот Иванов изрази задоволство од високото ниво во билатералните односи и од плодниот политички дијалог меѓу Република Македонија и земјите од Вишеградската група, кои се засновани на долга традиција на меѓусебно разбирање, пријателството и заемното почитување. Беше разговарано и за натамошна размена на посети на највисоко ниво.

Македонскиот претседател ја поздрави континуираната и принципиелна поддршка на земјите од Вишеградската група за одржување на динамиката на процесот на проширување на ЕУ и особено силната поддршка кон Република Македонија за што поскоро започнување на преговорите за членство. 

- Членството во ЕУ и НАТО е стратешки приоритет за Република Македонија, и потребно е позитивните препораки од Европската Комисија да се трансферираат во конечна одлука за датум за почеток на преговори, истакна претседателот Иванов, и додаде дека нелегалната блокада на заслуженото членство на нашата држава во НАТО е сериозно блокирање на мирот, безбедноста и стабилноста на Балканот, посочил Иванов.

Амбасадорите ги поздравија напорите на Република Македонија за што поскоро зачленување во ЕУ и НАТО, и изразија уверување дека земјите членки на Вишеградската група, како влијателен фактор во рамките на ЕУ, ќе продолжат со поддршката на европските и евроатлантските аспирации на земјата.

На средбата, соговорниците констатираа дека меѓусебната билатерална соработка континуирано се продлабочува, но дека постојат и неискористени потенцијали за поголема и сеопфатна соработка во голем број области од заемен интерес, а особено на полето на економијата, инвестициите, образованието, културата, туризмот, како и земјоделството.

 

 

Оцени ја веста

24.11.2014 - 17:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега