Иницијатива КООПЕРАЦИЈА ќе изложува во Белград

 

Во галеријата на независната уметничка асоцијација РЕМОНТ во Белград, вечер ќе биде отворена изложбата „На коњите им се кратки нозете“, на која ќе се престават уметниците од Иницијативата КООПЕРАЦИЈА - Игор Тошевски, групата ОПА (Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски), Оливер Мусовиќ, Филип Јовановски, Никола Узуновски, Ѓорѓе Јовановиќ и Владимир Јанчевски.

Изложбата ќе трае до 29 ноември, а пред отворањето, членови на КООПЕРАЦИЈА ќе имаат и кратка презентација пред белградската публика на досегашната работа на иницијативата во Македонија.

Преку изложбата, КООПЕРАЦИЈА прави пресек на досегашните обиди да се тематизираат и проблематизираат современите  општествени феномени, преку лоцирање на точките на преклопување на критички ориентираната уметност и пропагандните механизми, како и опасностите и последиците од враќањето на големите нарации кои резултираат со неконтролирани националистички изблици. 

КООПЕРАЦИЈА е уметничка иницијатива која делува од 2012-та година во Скопје како неформален, самофинансирачки колектив. Главната цел е производство и промоција на критичка уметност како одговор на сложената политичка ситуација и пасивната улога на културните институции во Македонија.

Стратегијата на КООПЕРАЦИЈА е изложување во приватни, привремено достапни, неинституционални простори како станови, деловни простори и сл. Овој номадски пристап се покажа како успешен темел за нова платформа и се приенува не само за организирање изложби туку и во организација на јавни дебати, заеднички акции, презентации итн.  КООПЕРАЦИЈА се занимава со актуелни теми кои се од интерес за македонското општество, потикнуваат поширок општествен дијалог и ги артикулираат автентичните, ангажирани позиции на македонските современи уметници.

До сега КООПЕРАЦИЈА организирала 17 настани – изложби и презентации – во негалериски простори во Скопје и Македонија на кои учествувале околу 50-тина македонски и 30-тина странски автори. 

По минатогодишното претставување на КООПЕРАЦИЈА во Загреб, ова е второ преставување на иницијативата во формат на изложба надвор од Македонија.

 

 

Оцени ја веста

24.11.2014 - 09:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега