Струмица уште го чува споменот на баба Ванѓа

 

Во стариот дел на Струмица,   на сегашната  улица 5 ноември се наоѓа местото на кое некогаш била куќата на Баба Ванѓа . За сите оние кои денеска случајно или намерно минуваат низ овој дел на градот  ,,5 ноември,,  е улица како и секоја друга и нема ништо што може да ви даде било каква асоцијација дека некогаш токму тука и по овие сокачиња се движела големата јасновитка. Видлива трага или пак некакво обележје нема, но ако се распрашате,  посебно кај постарите жители од улицата тогаш без проблем ќе дојдете до  куќата со број 67, тука денеска  живее семејството Пакетови. Токму оваа куќа и соседната се изградени во дворот во кој некогаш била куќата во која се родила Баба Ванѓа. 

,,Јас сум роден 38 година, 43 сум дојден тука во таа куќа. Прво ја зедовме под кирија, а после ја продаде брат и Томе, ја купивме од него. Ја поправивме, наместивме и направивме колку да можеме да живееме.,, вели Благој Пакетов за Сител

,, Јас во таа куќа живеев до 1970 година. 71 година ние се вселивме во новата, а старата куќа постоеше до 1982 година, потоа по смртта на мојата баба ја срушивме. Куќата беше  со две соби и тремче заградено со тараби.,, раскажува Крисула Пакетова

Некогашниот двор на Баба Ванѓа денеска е поделен на две семејства.  Во другиот дел од дворот  сега живее семејството на Кирчо Пакетов.

,, Татко ми,  ми раскажуваше дека Баба Ванѓа живеела тука. Сеуште може да се видат и остатоци од темелите. Знам само дека некогаш  живеела тука, друго ништо не знам. Пред неколку месеци доаѓаа и некои луѓе од Бугарија со иницијатива да изградат  некоја чешма или споменик, ама за тоа  треба да се согласат сите.,, вели Кирчо Пакетов.

Во непосредна близина на дворот во кој некогаш живеела големата јасновитка, на околу стотина метри погоре  се наоѓа куќата на Фимка Гогова, соседка, а подоцна и блиска пријателка на Баба Ванѓа. Своето дружење и спомените поврзани со Ванѓа пред околу една година таа ги раскажа во книга која ја наслови ,, Ванѓа и јас,, .

,, Таа беше неука жена, била извесен период во Земун во школо за слепи,  но во нејзината глава беше целото знаење на човештвото. Немаше област од која таа немаше познавања.  Таа беше со многу јаки критериуми кога стануваше збор за луѓето. Кај секој човек најмногу ги ценеше чесноста, работливоста, а моралот и беше на прво место,, вели Фимка Гогова долгогодишна пријателка на Баба Ванѓа и автор на книгата,, Ванѓа и јас,,.

Вангелија Пандева Димитрова која подоцна целиот свет ќе ја знае како БабаВанѓа, една од најголемите јасновитки   е родена пред 103 години во Струмица како прво дете во семејството на Панде и Параскева. Баба Ванѓа во родната Струмица живеела до својата 11 та година, а потоа заедно со целото семејство се преселила  во Ново Село кај братот на нејзиниот татко.  Откако се омажила па се до крајот на нејзиниот живот таа живеела во бугарскиот град Петрич. Почина на 11 август 1996 година

Извор: Сител 

 

 

Оцени ја веста

19.11.2014 - 19:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега