Болестите пренесени од животните најголема закана за човекот
Најголем дел од заболувањата, поточно околу 60% од хуманите патогени заболувања опаѓаат на зоонозите. Ова се болести кои што се пренесуваат од луѓето на животните и обратно.
Ваквиот процент денеска беше истакнат на средба во Охрид каде се дебатираше за ветеринарното медицински препарати во лекувањето на животните и нивното влијание врз здравјето на човекот.
- Целта на оваа средба е токму заштитата на населението од тие заболувања, како синиот јазик, свинската чума, шапот, туберкулозата, бруцелозата и беснилото, истакна регионалниот претставник на ОИЕ за источна Европа, Никола Белев.
На оваа средба учество земаа 32 држави од регионот ЕУ и ЈИЕ, земји членки на Светската организација за здравствена заштита на животните (ОИЕ), како и на регионалните канцеларии на ОИЕ во Софија и во Брисел.
Целта е да се унапредат политиките и законодавството во однос на ветеринарно-медицинските препарати чија примена би придонела за подобрување на здравјето на животните и на луѓето како конзументи на производите од животинско потекло.
- Нашето закондавство во однос ветеринарно-медицинските препарати потполно е усогласено со европската легислатива. Целта на семинарот е усогласување на политиките при третманот на животните во земјите учеснички, како и размена на искуства со цел намалување на преносливите болести од животните на луѓето,посочи директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски.
Во врска со појавата на птичји грип во западна Европа, тој истакна дека сите производи на македонскиот пазар се безбедни и оти за нив се добиени ветеринарни сертификати од државите што ги испорачуваат.
- Пред производство и преработка производот се прегледува, се следи евентуална клиничка слика на животните за повеќе болести и потоа се издава ветеринарниот сертификат кој гарантира безбедност. Истовремено редовни контроли на производите се врши и на домашните производители на животинска храна, така што во овој момент можам да кажам дека македонските производи се безбедни, посочи Поповски.
Настанот во Охрид го организира Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа