ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ директно сака да им наштети на нашите компании
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска велат дека јасна е фрустрацијата на Кире Наумов како функционер на партија чија најголема донесена странска инвестиција се Луи Витон чантите на Шеќеринска.
За странски инвестиции СДСМ не може ниту да коментира, бидејќи речиси и да немаше гринфилд инвестиции во нивно време. Во времето на владеењето на СДСМ ниту еден работник не беше вработен во странска гринфилд инвестиција.
Од 2007 до 2012 година Владата предводена од ВМРО- ДПМНЕ донесе странски инвестиции во износ од 1.550 милиони евра што е за 600 милиони евра повеќе од сите досегашни Влади предводени од СДСМ. Во Македонија дојдоа 15 гринфилд инвестиции, а најавени се дека во блиска иднина ќе дојдат уште 10 нови.
Мораме да потенцираме дека Владата на Република Македонија успеа да ги донесе овие гиганти во светска и економска криза за разлика од времето кога СДСМ владееше и не се соочуваше со овие глобални проблеми и пречки. Странските фирми, против кои говори СДСМ отворија илјадници нови работни места, ги заживеаја регионите во Македонија кои имаа послаб развој, отворија работа за домашните компании, го зголемија извозот за 25 отсто, го подобрија меѓународниот имиџ на земјава и низа други поволности.
Со тоа што сака да го спречи поврзувањето на домашните фирми со големи меѓународни фирми, СДСМ директно сака да им наштети на нашите компании и да им ускрати зделки и заработка.
СДСМ кога имаше можност не направи ништо ниту за домашните фирми, ниту за привлекување на странски инвестиции во државава. Во времето на СДСМ домашните фирми плаќаа повисоки даноци, со месеци чекаа за најобична потврда од институциите и се соочуваа со нефер конкуренција од сивата економија која цветаше.
Во времето на СДСМ домашните фирми беа оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат. За разлика од СДСМ на ВМРО-ДПМНЕ му се примат домашните фирми. За нив воведовме најниски даноци во Европа и светот. Воведовме повластено ДДВ за голем број категории производи.
Ги ослободивме од плаќање данок на добивка малите и микро претпријатија. Обезбедивме и 350 милиони евра евтини кредитни линии од Европската Инвестициска банка за подобрување на ликвидноста и за инвестиции на македонските мали и средни претпријатија.
Благодарение на оваа кредитна линија досега поддржани се 1.318 мали и средни фирми и отворени се 5.800 работни места.
Покриеноста на увозот со извозот е многу подобра сега, отколку во времето на владеењето на СДСМ.
Фирмите знаат, гледаат и ценат, кој работи за нив и е добронамерен, а кој се обидува да собере само ситни политички поени
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа