Нема да се забрани регистрирање на возилата со ЕУРО 2 стандард
Возилата со ЕУРО 2 стандард ќе продолжат да возат низ улиците барем уште неколку години. По информацијата дека Владата откако дозволи увоз на возила со ЕУРО 2 стандард, сега размислува да забрани нивно регистрирање, реагираше министерот за економија Беким Незири. Тој вели дека неговото министерство е против ваквиот предлог и дека ќе направи дополнителни анализи. Бидејќи се работи за 100 до 150 илјади возила, според него забраната за возење ќе има негативни финансиски ефекти врз голем број граѓани, а со тоа и врз вкупната економија.
-Мерката во прво време треба да ги опфати возилата со најлоши еколошки стандарди, односно со ЕУРО 0 и ЕУРО 1 стандард. Анализата на министерството за економија ќе биде доставена во Владата за две недели – вели Незири.
Инаку, министерот за економија денеска информираше дека за повеќе од двојно догодина ќе се зголеми сумата за поддршка на конкурентноста, иновациите и претприемништвото од сегашните 190 илјади евра на 407 илјади евра. Најголем дел од парите или 145 илјади евра годинава добиле малите и средни претпријатија. Средства добиле 7 занаетчии за унапредување на производството, 6 фирми за сертификација на системи за квалитет според ИСО стандарди, две компании за обуки на вработените за ХАСАП системот, а на 12 фирми им биле покриени 70% од трошоците за воведување на ХАЛАЛ системот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа