Во Штип одржан Саем за вработување
Триесет и две фирми од источниот регион денеска се претставија на Саемот за вработување во Штип. Според директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски овие компании ги отвораат своите врати за невработените лица, односно оние кои што бараат работа.
Поповски истакна дека Штип ќе биде еден од бастионите каде што секоја година ќе има Саеми за вработување.
- За 30 дена од денешниот ќе го објавиме извештајот заедно со компаниите за тоа колку кратки биографии се примени, колку од нив се позитивни, колку невработени се повикани на интервјуа и на крајот се надеваме колку повеќе склучени договори ќе има, изјави Поповски.
Тој истакна дека владините мерки и мерките на Агенцијата за вработување се реализираат, а го радува тоа што, подвлече, мерката за вработување на млади до 29 години веќе има големи ефекти, односно во компаниите во земјава вработени се околу 4.500 млади лица.
- Воедно и за мерката за кредитирање на млади лица до 29 години се зголемува бројот на апликанти и веќе стигнавме до 400 апликанти, а се надевам дека со огласот кој што утре излегува ќе ја зголемиме таа бројка на 500 апликанти, вели Поповски.
Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев истакна дека целта е после три години во Штип да има само 500 невработени, а во моментов има 2.800 невработени лица на списокот на Агенцијата за вработување.
- Лично мислам дека се она што го прави Владата на Република Македонија и денешната саемска манифестација е добра прилика за работодавачите, но и пред се за оние лица кои бараат работа непосредно овде можат да видат што им се нуди. Верувам во тоа дека во она што денеска овде се случува ќе има нови вработувања, ќе излезат и среќни луѓе, а ние како локална самоуправа мораме да ги помагаме компаниите, да им бидеме сервис и во секое време се што ќе побараат од нас да им го овозможеме, вели Захариев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа