ВМРО-ДПМНЕ: Зголемувањето на платите ќе го подобри животниот стандард
Од денес започнува исплатата за 4 отсто повисоките плати на вработените во армијата, полицијата, здравството, образованието, културата, јавните претпријатија јавните служби и останатите државни институции во Република Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Интегрален текст од прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која се обрати Драган Данев, пратеник во Собранието на РепубликаМакедонија.
Пратениците од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на 15-тата седница на Собранието на Република Македонија одржана на 16 септември 2014 година, ги изгласа предлог измените на Законот за исплата на плати во Република Македонија со што во ноември вработените во јавната администрација ќе земаат плата повисока за 4%.
Ова зголемување на платите е само продолжување на тенденцијата со цел континуирано подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа овие предлог измени на Законот за исплата на плати, не само бидејќи ќе помогне на илјадници семејства кои се вработени во јавните сектори, но и бидејќи верува дека на овој начин ќе влијае на подобрување на животниот стандард на граѓаните и зголемување на платите во останатите сектори во стопанството.
Сакаме да нагласиме дека од 2006 година платите во јавната администрација, образованието, културата, полицијата, армијата, здравството и други сектори континуирано беа зголемувани со што се потврдува нашата заложба за подобрување на стандардот на граѓаните.
Значајно е да се нагласи дека зголемените плати за 4% што ќе ги земат вработените во јавниот сектор овој месец, се случува во период во кој можеме да забележиме тренд на намалување на платите скоро во сите земји од нашето опкружувањето, но и во Европа. Србија, Хрватска, Словенија и други земји од опкружувањето се соочуваат со сериозни кратења на средствата за плати во овиe сектори. Додека други земји ги намалуваат платите во здравството, образованието, културата, јавните служби и отпуштаат вработени, во Република Македонија платите се зголемуваат и континуирано се вршат кадровски доекипирања на институциите.
Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ свесни сме дека зголемувањето на платите во јавната администрација претставува стимул и мотивација на вработените со што треба да се подобри попрофесионалното извршување на работните обврски.
Ова зголемување на платите од 4% беше поздравено и предизвика позитивни реакции од граѓаните, но и од синдикатите во Македонија. Ние како пратеници сме во секојдневна комуникација со граѓаните, ги слушаме нивните проблеми и забелешки но исто така и нивната благодарност кога се работи за вакви и слични позитивни мерки. Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и во иднина, врз база на реалните можности и капацитети на државата, ќе продолжиме да работиме и да излегуваме во пресрет на сите граѓани на Република Македонија.
Свесни сме дека сеуште треба да се работи за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Впрочем, тоа е процес кој никогаш не треба да запре. Заложбата и напорите за подобрување на животниот стандарт на граѓаните и понатаму ќе продолжи и како претставници на народот ќе се бориме за поквалитетен и подостоинствен живот на граѓаните на Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа