Бесими: Новите програми на ЕУ, нови можности за Македонија
Граѓаните на Република Македонија можат да учествуваат во повеќе програми на Унијата за програмскиот период 2014-2020 година, како што се: Хоризон 2020, Креативна Европа, КОСМЕ, Еразмус+, Програма за вработување и социјални иновации, Европа за граѓаните, Здравје, Живот+, Царина 2020, Даноци 2020 и други. Секретаријатот за европски прашања како институција одговорна за координирање на процесот на пристапување на Република Македонија во програмите на Унијата, веќе подолго време соработува со министерствата и останатите институции околу пристапувањето на Република Македонија во Програмите на Унијата.
Ова го истакна вицепремиерот Фатмир Бесими во обраќањето на работилницата “Програмите на ЕУ како поволна можност: Добиени резултати и идни перспективи”, организирана од Италијанската Амбасада во Скопје и Групацијата Латанцио.
- Како резултат на ова, истакна Бесими, Република Македонија во изминатиот период успешно учествува во Седмата рамковна програма за истражување, Рамковната програма за конкурентност и иновација, програмата “Прогрес“, “Култура“, “Млади во акција“, “Доживотно учење“, “Европа за граѓаните“, “Еразмус“, “Царина“, “Фискалис“ и други, посочи Бесими.
Вицепремиерот говорејќи за придобивките од програмите на унијата ги издвои “Седмата Рамковна програма за истражување“, преку која за периодот 2007 - 2013 реализирани се 94 проекти со вкупен буџет од 11,7 милиони евра, Програмата “Европа за граѓаните“ во која нашата земја за периодот 2007-2013 година учествувала со 58 проекти во вкупен износ од околу 3,6 милиони евра, програмата “Доживотно учење и млади во акција“ каде од 2009-2013 година се финансираа 387 проекти, за кои беа доделени 3,1 милиони евра.
Бесими при тоа се заблагодари на Италијанската амбасада и Групацијата Латанцио за организирањето на денешниот настан и разменетото искуство кое ќе придонесе кон подобрување на нашите капацитети во менаџирање и искористување на можностите кои се нудат преку Програмите на Унијата.
Програмите на Унијата имаат за цел да ја поттикнат соработката помеѓу државите членки во Унијата, но и земјите кандидати меѓу кои и Република Македонија кои може да учествуваат во нив преку плаќање на влезен билет.
Целта на Програмите е поттикнување на транснационалната соработка помеѓу владините институции, граѓанскиот сектор, средните и мали претпријатија, студентите и други субјекти, во доменот на секторските политики, олеснувањето на пристапот до информации, размената на искуства во образованието, истражувањето, младите, културата, социјалните прашања, даноците и друго.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа