Ќе се воведува ли пар-непар за автомобилите ако биде презагадено во Скопје?

 

На денешната седница на Град Скопје, советниците разговараа за мерките кои во иднина би се преземале во состојба на големо загадување на амбиенталниот воздух во градот. Сепак и покрај очекувањата дека ќе се донесат одредени мерки кои ќе можат во скоро време да се применат, како воведување пар-непар или бесплатно возење во автобусите, градските советници само дискутираа и ги разгледуваа како можности, но не гласаа за нив бидејќи тие не беа ставени на дневниот ред како предлози, туку само како информација.  Како што  објасни градоначалникот Трајановски, градот нема надлежност самостојно да носи одлуки за воведување рестрикции кои ќе го намалат загадувањето, туку тие треба да се донесат во соработка со ресорните министерства и тела.   Ние работиме согласно надлежностите и законите на локалната самоуправа и, во конкретниот случај, на Град Скопје согласно надлежностите на соодветните министерства и на Владата на Република Македонија.

Оваа информација за предлог-мерките против загадувањето гледавме да ја направиме што поопсежна и поцелосна. Сите мерки кои може да се преземат се ставени во неа и тие се предмет на разгледување и дискусија на стручните служби на градот, но се предмет на разгледување исто така и на Комитетот за животна средина и здравје. Тоа тело има континуирано состаноци во кои градот Скопје е еден од најактивните учесници, изјави Трајановски.

Што се однесува за мерките, врз основа на информациите од Министерството за животна средина, Град Скопје ги пласира тие препораки, а ние сме врзани со ресорните министерства во нивните донесувања. Која мерка како ќе биде донесена понатака ќе биде предмет на Комитетот за здравје и животна средина. Не се работи само од мислењето на Градот, туку мерките се донесуваат заедно со соодветните ресорни министерства, објасни градоначалникот.

Мерките за прочистување на скопскиот воздух се најдоа на расправата и во интересот на јавноста, откако уште пред почеток на зимото во главниот град беа забележани огромни преминувања на вредностите на ПМ-честичките кои се најштетните загадувачи на воздухот.   

Членовите на Советот  разгледуваа воведување на рестрикција за движење на патничките возила по принципот пар-непар, пренасочување на сообраќајот по споредни улици избегнувајќи го централното градско подрачје, рестрикции за движење на товарни возила во градот, бесплатен автобуски превоз во услови кога 10 дена ПМ-10 е над 100 микрограми на метар кубен, вклучување на повеќе автобуси и повеќе други мерки кои водат кон прочистување на воздухот.

 

За тоа кој треба да го даде последниот збор за воведувањето на овие мерки, од Министерството за животна средина велат дека не е во нивна надлежност да спроведат пар-непар, а посочуваат дека минатата година оваа и низа други мерки биле усвоени од Владата и по 10-дневно загадување таа стапува во сила.   Одлуката ја носи Владата заедно со Градот бидејќи се работи за градско подрачје, а МВР треба да ја спроведе таа рестрикција за движење на пар-непар возила, велат од секторот Односи со јавност при министерството. 

30.10.2014 - 23:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега