„До балчак“ вечер пред струшката публика
Новиот македонски филм „До балчак“ вечер премиерно ќе биде прикажан пред струшката публика во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а проекциите ќе продолжат до 1 ноември.
Режијата на филмот е на Столе Попов, а продуценти се Данчо Чевревски и Миливое Ѓорѓевиќ. Сценариото го напишаа Горан Стефановски и Столе Попов.
Филмот е сурова но романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на строга индивидуалност, лишена од каква било идеологизација. Слободата, правдата, љубовта, среќата, жртвувањата и предавствата се доживеани низ катарзични емоции што допираат „до балчак”. Дејството се случува во првата декада од 20-от век.
Во оваа сурова и истовремено романтична љубовна приказна играат актерите Инти Шрај, Сашко Коцев, Мартин Јордановски, Тони Михајловски, Искра Ветерова, Сенко Велинов, Мики Манојловиќ, Никола Којо, Никола Ристановски, Драган Спасовски-Дац, Гораст Цветковски. Музиката за филмот е на Дуке Бојаџиев.
Снимањето на филмот „До балчак“ почна во мај 2012 година, а екипата снимаше сцени на различни локации во Битола, Охрид, Скопје, Демир Хисар, Штип и Прилеп.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа