"Должност ни е да го исполниме заветот на предците" - честитка од претседателот Иванов
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба денеска упати честитка до граѓаните на Република Македонија.
- Одбележувањето на празникот на македонската револуционерна борба го симболизира континуитетот на македонскиот стремеж кон слобода и државност. На овој ден им оддаваме почит на македонските визионери и револуционери, на сите знајни и незнајни дејци и борци кои се бореа и изборија за нашата слобода, вели во честитката македонскиот претседател.
Патот до слободата што на 23 октомври 1893 година го започнаа шестмината македонски родољуби, како што истакнува Иванов, го изодеа и Илинденците од 1903-та и борците во Народноослободителната и антифашистичка борба од 1944-та. Патот до слободата конечно го завршија македонските граѓани, на третиот Илинден, на 8 септември 1991 година.
- Наша должност е да го исполнуваме заветот на предците - сложно и заеднички да ја чуваме нашата Република Македонија, независно од етничката, верската, политичката или која било друга припадност. Македонија е една и единствена, а наша задача е да им ја предадеме на нашите потомци. Заедно и обединети да ја градиме иднината и напредокот на европска и евроатлантска Република Македонија. Оние кои мечтаеа за независна и демократска македонска држава може да се гордеат со генерациите што доаѓаат, подвлекува во честитката претседателот Иванов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа