Оваа недела доаѓа зима: Од четврток снег во Македонија
Неделава ја започнавме со сончево време и слаба локална утринска измаглица низ котлините. Во вторник ќе имаме уште еден исклучително топол октомвриски ден, но од среда попладне работите ќе тргнат по стрмна надолна линија, пишува специјализираниот поратл за временска прогноза МетеоПро.
Понеденик ќе започне со свежо утро и можност за сосема краткотрајна ниска облачност и слаба измаглица во мал дел од котлините во југоисточниот крај и делови од Повардарие. Но, денот сепак ќе биде претежно сончев и релативно топол.
Утрото ќе биде свежо. Минималната температура во поголем дел од земјава ќе има вредност околу 7°С.
Дневниот максимум на температурата на воздухот ќе достигне вредност околу 22°С во северната половина на земјата. Во котлините од југозападниот регион максималната ќе достигне до 22°С, а во југоисточниот регион до 25°С.
Вторник нема нешто особено да се разликува од понеделник. Претпладне повторно во котлините во источниот дел од земјата и долж Повардарие се очекуваат услови за појава на слаба измаглица, а потоа денот ќе продолжи со претежно ведро време.
Утрото ќе биде свежо. Минималната температура во поголем дел од земјава ќе има вредност околу 8°С.
Максималната температура ќе достигне вредност околу 23°С во северната половина на земјата, а во југозападниот регион до 23°С. Југоисточниот регион очекува максимална температура до 26°С.
Среда почнува со мала до умерена облачност претпладне. Попладне и вечер ни следува поголема промена на времето. Краткотраен бран на врнежи ќе ја зафати земјава, проследен со умерен северен ветер и позначителен пад на температурата од вечерта кон четврток. Попладне, локално, не се исклучува можноста од појава на грмежи.
Утрото ќе биде само малку потопло во однос на вторник.
Максималната температура во текот на денот ќе остане релативно висока и ќе достигне вредност околу 20°С во северната половина на земјата, а во југозападниот регион до 21°С. Југоисточниот регион очекува максимална температура до 23°С.
Во текот на ноќта кон четврток, заради продорот на доста студена воздушна маса од север, на планините на надморска височина над 1500 метри се очекуваат врнежи од снег, па не е исклучено формирање на мала снежна покривка.
Четврток ќе помине во претежно облачно време со повремен слаб дожд низ поголем дел од земјава. На планините, пред се во северната половина од земјава, но и на високите врвови на југ, ќе врне слаб повремен снег.
Утрото ќе биде студено, а минималната температура на повисоките места ќе се спушти околу 0°С. Низ котлините минималната ќе се спушти до околу 5°С.
Максималната температура ќе достигне вредност околу 13°С во северната половина на земјата. Во југозападниот регион максималната ќе се „искачи“ до 12°С , а до максимални 15°С на југоисток.
Во петок малку пооблачно време ќе има во источниот крај, каде ќе има услови за сосема слаб дожд, а на Осогово слаб снег. Сепак, генерално ќе има тенденција на намалување на облачноста во текот на денот.
Утрото ќе биде студено, слично на она од четврток. Преку ден максималната температура ќе биде слична на четврток, освен на југозапад каде ќе биде сосема малку потопло во однос на претходниот ден.
*Заради динамиката на атмосферата и променливоста на метеоролошките услови неделава, следете нé за евентуални промени во прогнозата за деновите кон крајот на неделата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа