Изјавата на Курц за Македонија топ-тема во грчките медиуми
Речиси сите грчки медиуми ја објавија изјавата на австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц кој побара Советот на ЕУ да се откаже од блокадата на Македонија.
Под наслови „Австриското МНР се жали на Грција“, „Австрија притиска за Скопје“, „Провокација од австрискиот министер за надворешни работи“, грчките медиуми го пренесуваат соопштението на Курц за извештајот на Европската комисија за напредокот на земјите од Западен Балкан.
- За жал моите стравувања се потврдуваат. Постојаната блокада на почетокот на пристапните преговори со Македонија, предизвикана од нерешениот спор за името со Грција, ги става во прашање веќе постигнатите резултати. Долгорочно тоа може да води кон дестабилизација на целиот регион. Поради тоа го повикувам Советот да ја прекине блокадата по ова прашање, побара Курц.
„Имерсија“ пишува дека Курц повторно изразил надеж дека Грција ќе престане да ја блокира Македонија поради прашањето за името, став кој прв пат го изрази на почетокот на јануари годинава, само неколку недели откако дојде на функцијата.
Весникот потсетува на изјавата на Курц од јануари кога рече дека прашањето за името не треба да ги попречува евроинтеграциите на Македонија. Тој тогаш изрази надеж дека за време на грчкото претседавање со ЕУ, ќе биде ставен и крај на блокадата за Македонија, бидејќи „Грција е дефинитивно заинтересирана за постигнување на успех за време на своето претседавање“.
Оваа изјава беше повод австрискиот весник „Ди Пресе“ да напише коментар во кој истакна дека „новиот министер за надворешни работи влегува во конфликт со Грција“, потсетуваат грчките медиуми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа