Нова опрема за театрите со тригодишен проект на Министерството за култура

 

Драмскиот театар, Битолскиот театар, Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип и Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид се првите четири национални установи каде што е доставенa современа техника, дел од проектот на Министерството за култура за набавка на сценска, светлосна и тонска опрема наменета за театрите.

Како што соопшти Министерството за култура, во рамките на тригодишниот проект, кој е во контекст на заложбите за унапредување на состојбите во областа на театарската дејност, предвидено е опремување на девет од постоечките 15 театри во Република Македонија.

- Набавката на новата опрема ќе влијае на квалитетот на продукциите и ќе ги зголеми техничко-технолошките можности на нашите театарски институции. Со овој проект на Министерството за култура уште еднаш се потенцира континуираниот интерес за унапредување на театарската уметност во Република Македонија, создавањето на квалитетна понуда, но и услови за посетителите, се вели во соопштението.

До крајот на 2015 ќе се осовремени и техниката во  Театарот „Комедија“, Театарот за деца и младинци, Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово и Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.

- Останатите театри во државата не беа опфатени со овој проект од причина што веќе добија нови современи објекти, како што се МНТ и Велешкиот театар или пак се во фаза на изградба, односно реконструкција на постоечките објекти, како што се случајот со Турскиот, Албанскиот и театарот во Струмица, стои во соопштението.

Дел од современата опрема се: разни видови рефлектори, ламби, пултови, филтри и соодветни кабли за напојување, звучници, засилувачи на звук, аудио-миксери, микрофони, реквизити, како и друга сценска, светлосна и тонска опрема.

08.10.2014 - 12:49


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега