Се зајакнува влијанието на синдикатот во безбедноста при работа
Се зајакнува улогата и влијанието на синдикатот во заштитата и безбедноста при работа со најновите законски измени кои се прифатени од страна на Економско-социјалниот совет.
Предлог-измените во Законот за безбедност и здравје при работа предвидуваат работодавачот да подготви изјава за безбедност за секое работно место, да овозможи претставник на вработените или претседателот на синдикалната организација да учествува во утврдувањето на недостатоците и подобрувањето на условите за работа, како и да ги констултира при набавка на работна опрема или воведување на нова технологија во работењето.
Меѓу другото, претставникот на вработените ќе има право најмалку два пати годишно да ги обиколи работните места заради согледување на состојбата со безбедноста при работа.
Со измените ќе бидат заштитени и студентите кои извршуваат практична работа во компаниите, односно се создава систем за нивна безбедна пракса.
- Секој работник го има основното право на безбедност и здравје при работа, а обврската тоа да го овозможиме е на нас - надлежните институции, синдикатите и работодавачите. Само со вистински партнерски однос кој досега се потврди, вработените ќе бидат сигурни на своето работно место, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната прес-конференција.
Според Сојузот на синдикати на Македонија, на чиј предлог се направени законските измени, со ова успешно се реализира годинашната првомајска кампања за безбедни и сигурни работни места.
- Со овој чин се покажува дека социјалните партнери имаат високо чувство за унапредувањето на работничките права. Со законот обезбедуваме драстично подобрена позиција на синдикатите во делот на безбедноста и заштитата при работа, подвлече претседателот на ССМ, Живко Митревски.
Организацијата на работодавачи смета дека предлог измените се логични и оправдани.
- Во следниот период треба оваа заштита при работа да ја спроведеме на самото работно место бидејќи заштитата ќе биде добра доколку ги намалиме повредите на работа и смртните случаи. Тогаш ќе сметаме дека законот за заштита и безбедност при работа заживеал, истакна претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.
Во 2013 година во Македонија се евидентирани 16 смртни случаи на работното место, во 2012 година се случиле 13 смртни случаи, додека во 2004 година пет работници го загубиле животот на работното место.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа