„Денови на кочанскиот ориз“ - рачна жетва со срп
Стопанско-културната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“ ќе заврши денеска со демонстрација на рачна жетва на ориз со срп на оризовите полиња во село Мојанци.
Членовите на фолклорната група при Здружението на пензионери од Кочани ќе го изведат обичајот „Зажнејување на ориз“ по што домаќинот на нивата ќе ги благослови сите присутни гости за берикетна година и убав род. Потоа ќе биде демонстрирана вршидба на ориз на гумно со ѕевгар-волови, а на десетина штанда ќе бидат изложени земјоделски алати за обработка на ориз, како и производи изработени од ориз.
Во рамки на културно-уметничката програма се очекува да настапат фолклорни ансамбли од Хрватска, Унгарија, Словенија, Бугарија и Турција, како и познатиот македонски пејач на народни песни Миле Кузмановски.
На завршниот дел од манифестацијата ќе биде прогласен најдобриот индивидуален земјоделски производител на кого градоначалникот Ратко Димитровски ќе му додели парична награда.
На манифестацијата ќе присуствува и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, кој ќе има средба со оризопроизводителите од овој крај.
Во Кочанско од насеаните 3.500 хектари под ориз се очекува род од 12.000 тони арпа или околу 8.000 тони квалитетен бел ориз. Втора година експериментално се одгледуваат и нови турски сорти ориз, проект на Министерството за земјоделество и турската компанија ТИКА. Годинава овие сорти се зголемени за уште нови десетина и на поголема површина од минатата година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа