Делев: Растот на економијата се должи на големите капитални инвестиции од Буџетот

 

Денеска сме со вас за да информираме за она што го направивме во областа на економијата во изминативе 100 дена, откако Владата предводена од  ВМРО-ДПМНЕ го доби мандатот од граѓаните. Морам да кажам дека сите овие проекти, чие отпочнување или финализација се врзани за овој период, претставуваат континуитет на заложбите на нашата посветеност за реализиација на проектите од  изборната програма. Значи, продолжуваме со реформите, зголемувајќи ги инвестициите, вработувањата, извозот и индустриското производство, направивме придвижување во економијата, продолживме да работиме на автопатите, да ги намалуваме трошоците, да ги зголемуваме приходите на нашите граѓани, модернизирајќи го живеењето и подобрувајќи го секој сегмент од животот на граѓаните.

Како партија, целосно земено, во првите 100 дена реализиравме над 100 проекти од изборната Програма, а уште 500 ги започнавме, додеко дополнително имплементираме над 150 проекти, надвор од изборната програма. Но, јас ќе се задржам на економијата, која ми е доверена во надлежност, каде и покрај предизвиците во европската економија, забележавме највисок економски резултат во Европа во првиот семестар на 2014 година! Вториот квартал од 2014 година го завршивме со раст на БДП од 4,3%, како продолжение на растот во првиот квартал од 3,5%! Притоа, растот на економијата се должи на големите капитални инвестиции од Буџетот, но и на извозот на фирмите, посебно на директните странски инвестиции во ТИРЗ и индустриските зони.

Покрај реализацијата на крупните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, образованието, енергетиката, минералните суровини, кои обезбедија работа за градежништвото, јас посебно би се осврнал на странските директни инвестиции, кои бележат раст од 12,1% во првата половина од 2014 година во споредба со истиот период од минатата година. Индексот на индустриското производство во периодот јануари – јули 2014 година, во однос на периодот јануари – јули 2013 година, бележи раст од 4.7%, а извозот во истиот период бележи раст од 17,7%.

Посебно би сакал да ставам акцент на растот на извозот од ТИР Зони во периодот јануари-август 2014 година, во споредба со јануари-август 2013 година. Станува збор за раст од 91,2%! Тие донесоа и отварање на нови работни места, а со самото тоа и намалување на невработеноста на 28,2%, што за волја на вистината е историски најниско ниво во последниве 18 години. Истовремено стапката на вработеност во вториот квартал од 2014 година изнесува 41,1%, што е најдобро остварување откако се спроведува Анкетата на работна сила.

За деловните субјекти, пак, го исполнивме ветувањето, обезбедувајќи им поволни финансиски средства за поддршка на македонските компании, преку новата линија во вредност од 100 милиони евра, кој ќе помогне на многу македонски компании да го шират своето производство и да вработуваат нови лица.

Во тек е и последната фаза од проектот „Топ-менаџмент“ со која на 140 менаџери од македонски компании ќе им се овозможи да заминат на дополнителна обука во многу понапредни фирми во странство, а стартуваше и вториот циклус од ангажирањето на странски експерти за потребите на македонските компании.          

Што се однесува до директната поддршка на деловните субјекти, во Министерството за економија веќе исплативме дел од трошоците на деловните субјекти за сертификација на системи за квалитет според ИСО-стандарди, НАССР , ХАЛАЛ-системи како и кофинансирање и поддршка на МСП.Во делот поддршка на занаетчиското производство и занаетчиските услуги, се одобрени и потпишани договори со кои ќе им се даде стимул на занаетчиите за зачувување и развој на нивната дејност.

Субвенции континуирано доделуваме и за инсталирање на сончеви колектори во домаќинства. Во 2014 година за добивање субвенција се избрани 606 домаќинства.

Кога ја спомнавме енергетиката, веќе е изграден и започна со работа првиот Парк на ветерни електрани Богданци, чија инсталирана моќност изнесува 36,8 MW. Направена е реконструкција на 110 KV далновод ТС Скопје 1 – ТС Куманово, а деновиве се финализира целосната реализација на изградбата на двосистемски 110 KV далновод ТС Битола 3 - ТС Битола. Работевме и на втората фаза на ревитализација на шест хидроелектрични централи, со што ќе се продолжи животниот век на постојните хидроелектрични централи и нивните придружни објекти,  како и зголемување на сигурноста на истите за производство на електрична енергија, зголемување на инсталираната моќност  од 18,1 МW и дополнително годишно производство од околу 50 GWh електрична енергија за македонските потрошувачи.

Што се однесува до поголемите енергетски проекти, на ХЕЦ Бошков Мост се работи, односно се очекува да започнат градежните активности по завршувањето на постапката за избор на изведувачи на градежни работи, а за акумулацијата Луково поле во тек е изработката на основниот проект, како и Студијата за влијанието врз животната средина кои се очекуваат да бидат завршени до крајот на 2014 година од страна на Светска банка.         

Во овој период активно работевме и на отворање на нови рудници за експлоатација на металични минерални суровини. Меѓу поголемите се Иловица, Плавица, Казандол, Луке – ТОРАНИЦА,  САСА 2 – Македонска Каменица, ЛОЈАНЕ – Липково, за која во тек е нова постапка за доделување на концесија за експлоатација, за БОРОВ ДОЛ – Конче, во тек се детални геолошки истражувања. Доделени се концесии за термоминерални води и рекреативен туризам (бањски и здравствен) на следните локалитети: во Штип, Кочани, Катланово, Струмица, Дебар, Негорци - Гевгелија, Смоквица и Куманово, но и нови локации во Радовиш, Тетово и Стрновец - Младо Нагоричане.

Политиката на привлекување на странски инвестиции е една од најуспешните политики на Владата во нејзиното портфолио. Како резултат на реформите и активната политика на Владата за промоција на Македонија како поволна инвестициска дестинација, во Македонија во овој период од после изборите: многу компании кои пред изборите имаа најавено инвестиции, сега веќе започнаа со конкретни активности што значат реализација на инвестициите, многу нови компании донесоа и објавија одлука за инвестиција во нашата земја, дел од компаниите кои веќе имаат инвестиции во нашата земја се одлучија за нови инвестиции и за проширување на своите капацитети, а голем е и бројот на компании со кои што сме во напредна фаза на преговори или одлуката за инвестиција сѐ уште не ја објавиле во јавноста.

На оваа прес конференција се обидов да ги сублимирам најважните активности и проекти што ги реализиравме на економски план во изминатите 100 дена. Во суштина, и самите видовте дека ветеното го остваривме, па дури и повеќе од тоа. Јавноста покажа дека знае да ја цени посветеноста, а ние за секој добиен глас одговараме со уште поголема одговорност во спроведувањето на нашата програма.

 интегрален текст од прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ

04.10.2014 - 15:31

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега