Кумановци се вклучија во глобалната трка за мир

 

Кумановци се вклучија во глобалната трка за мир. Интернационалната штафетна трка помина и низ општината, а во неа се вклучија млади од средните училишта и спортските клубови од Куманово.

Трката нема натпреварувачки карактер, туку е промоција на меѓународниот мир, единство и меѓусебно разбирање.

- Огромна чест и задоволство ни е што можеме овој запален факел да го донесеме во нашиот град денеска. Ова е факелот за мир кој што поминува во повеќе од 150 земји ширум светот. Илјадници и илјадници луѓе го држат овој факел и замислуваат желба за мир. Сите овие желби патуваат насекаде низ светот, но секако и низ 48 - те земји кои што трката за мир ги посети оваа година низ Европа. Докажавте дека се грижите и сакате да придонесете за мир, истакна координаторот на европскиот тим, Апагуа Весели.

Градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски, кој го прими факелот на мирот, рече дека Куманово е град на мирољубиви луѓе.

- Не случајно сме тука, како  што најави организаторот град на млади луѓе, на добри спортисти, а пред се град носител на порака на мир. Да живее Куманово, младоста и спортот, изјави Дамјановски.

Во чест на глобалната трка за мир на плоштадот имаше културно - забавна програма. Куманово досега неколку пати беше домаќин на трката за мир. Од Куманово трката за мир ќе продолжи во соседна Србија. 

03.10.2014 - 17:57

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега