Намален бројот на сообраќајки во струшко

 

Намален е бројот на сообраќајни незгоди на подрачјето на Полициската станица Струга. Во првите шест месеци од оваа година регистрирани се 80, а во истиот период лани 92 сообраќајки, што е намалување за 12 незгоди, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Најголем дел од незгодите годинава или 58 се случиле во населено место, а 22 на отворено, додека во 2013 година 62 сообраќајни незгоди евидентирани се во населба, а 30 на отворен пат. Годинава, како што истакна Димоски, има две загинати лица, додека лани тројца го загубиле животот во незгодите. Со тешки телесни повреди се здобиле осум лица, а лани четворица.

- Еден од загинатите годинава е велосипедист и еден возач, додека минатата година во сообраќајни незгоди загинаа двајца пешаци и еден велосипедист. Причина за незгодите во 23 случаи е брзото возење, а во пет е престигнување на друго возило, изјави Димоски.

Една сообраќајна незгода, додаде, ја предизвикал возач во алкохолизирана состојба, а во истиот период лани тројца пијани возачи предизвикале сообраќајки.

Во првите шест месеци во струшко биле контролирани 28.150 возачи, поднесени се 19 кривични пријави и исклучени 227 возила. Минатата година контролирани се 26.300 од кои 162 се исклучени, а поднесени се 11 кривични пријави.

Само во јули евидентирани се 34 сообраќајни незгоди без жртви, а минатата година имало 28 сообраќајки со еден загинат. Минатиот месец биле котролирани 5.400 возила од кои 81 е исклучено, а претходниот јули при котрола на 4.890 возила, 31 се исклучени од сообраќај.

- Превентивните проекти за безбедност во сообраќајот на полицијата продолжуваат понатму со цел да се намалат несреќите, нагласи Димоски. 

МИА

11.08.2014 - 13:43
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега