Средба на Министерот Попоски со словачкиот амбасадор Безак
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска во Скопје се сретна со словачкиот амбасадор во Република Македонија, Мартин Безак и разговараа за приоритетите и активностите на Словачка во рамки на едногодишното претседавање со Вишеградската група (Словачка, Чешка, Унгарија и Полска) од 1 јули оваа година.
Во соопштението од МНР се наведува дека поддршката за европската и евроатлантската интеграција на сите земји од Балканот останува високо на надворешно-политичката агенда на Вишеградската група.
Амбасадорот Безак во име на словачкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Мирослав Лајчак го покани министерот Попоски да учествува на состанокот во Братислава на 31 октомври, на кој ќе учествуваат министрите за надворешни работи на Вишеградската група и Западен Балкан.
Говорејќи за главните надворешно-политички приоритети - интеграциите во НАТО и ЕУ и регионалната соработка, министерот Попоски го подвлече значењето на континуираната и принципиелна поддршка која Република Македонија ја добива од Словачка во овој контекст.
Во духот на овогодишното одбележување на дваесеттиот јубилеј од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, министерот Попоски и амбасадорот Безак ги поврдија добрите македонско – словачки билатерални односи, притоа изразувајќи заемна подготвеност за нивно натамошно унапредување и продолжување на политичкиот дијалог на највисоко ниво.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа