Царинската управа и ССК потпишаа меморандум за соработка
Царинската управа и Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) денеска потпишаа Меморандум за соработка.
Меморандумот што го потпишаа директорот на Царината Наташа Радеска Крстевска, и претседателот на ССК Данела Арсовска, е пред се во насока на организирање обуки за бизнис заедницата и согледување на потребата и темите за нивна реализација.
- Од септември годинава, Царинската управа и ССК партнерски ќе работат на спроведување анализи и обуки за потребите на претставниците на бизнис заедницата и на други целни групи за нивно континуирано стручно усовршување, како и на подготовка на програми во кои ќе се определуваат теми, опфат на соработка и организациони прашања. Исто така, предвидена е донација на стручна литература од областа на царинското и акцизното право, ангажирање меѓународни предавачи и експерти, како и овозможување учество при студиски посети и конференции во земјата и странство, соопшти Царинската управа.
Партнерството меѓу Царинската управа и деловната заедница се остварува и преку работата на Советодавното тело, формирано во јануари 2009 година, во кое активно членува Сојузот на стопански комори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа