Нимиц денеска на средба со државниот врв
Посредникот на ОН во разговорите за спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц, кој вчера пристигна во Скопје, денеска ќе има средби со македонскиот државен врв.
Нимиц во Скопје прв пат ќе се сретне со новиот претставник на Македонија во спорот за името и амбасадор во САД, Васко Наумовски, кој е именуван на функцијата со одлука на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов. Се очекува тој да се сретне и со шефот на државата Иванов, со премиерот Никола Груевски и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Посредникот на ОН во разговорите за спорот за името, минатата недела изјави дека овој пат очекува голем напредок на средбите со државниот врв во Скопје и во Атина. Нимиц, тогаш истакна дека очекува и добра соработка со новонаименованиот преговарач за името амбасадорот Наумовски како што имаше и со неговиот претходник Зоран Јолевски.
Провладиниот „Катимерини“, во коментар за грчко-македонскиот спор насловен „Скопје и Германија“, а во пресрет на разговорите на медијаторот Нимиц во Скопје и Атина, истакнува дека она што може да придонесе да се придвижат работите е интересот од страна на германската канцеларка Ангела Меркел.
Министерот Попоски, минатата недела, исто така, оцени дека без конкретен ангажман од поголемите земји членки на НАТО и ЕУ, не може да се очекува какво било поместување во спорот за името. Но, како најголем ограничувачки фактор за напредок во разговорите тој го посочи непостоењето политичка мотивираност од страна на Атина сериозно да се седне и да се бара решение за прашањето.
Инаку, Нимиц вчера по пристигнувањето во Македонија изјави дека не носи нов предлог, но дека има идеи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа