Николоски: Раст на економијата во Македонија и регионот, брз транспорт и транзит на стока, намален сообраќај и развиени градови

 

Македонија ќе има приход по 120 милиони евра годишно само од транзит од карго сообраќајот како придобивка од изградбата на брзата пруга, изјави министерот за транспорт, Александар Николоски, во телевизиско интервју.

Нашата заложба е пругата да се заврши во рок од 5 години од почетокот на градежните работи. Теоретски ако започнеме следната година, тоа е планот, веќе во 2031 година да е целосно завршена од граница со граница. Имајќи предвид дека ќе е двоколосечна, првиот колосек ќе биде готов некаде 3 години порано, што занчи ако ја започнеме следната година, веќе во 2029 година луѓето ќе можат да користат брз воз во Македонија, вели вицепремиерот Николоски.

Тој потенцираше дека идејата е едниот колосек да се користи само за карго сообраќај, а вториот само за патнички сообраќај, при што патувањето од Скопје до Солун би било час и половина, а од Скопје до Белград да се патува за околу два часа.

За државата многу поважен е карго сообраќајот, при што возовите овој колосек би возеле со 120 км на час и тоа значи дека за помалку од два часа ќе треба возовите да поминуваат низ цела Македонија, што сериозно ќе го забрза транспортот на роба. Очекуваме само во првите години, годишен приход само од карго сообраќајот и само од транзит, без македонското стопанство, 120 милиони евра. Тоа се огромни пари, кои што практично сами ќе ја отплатат железницата, потенцираше вицепремиерот Николоски.

Во интервјуто тој ги истакна и социо-економските придобивки кои не само Македонија, туку и глобалната економија ќе ги има со изградба на добра железничка инфраструктура во овој дел од Европа.

Тоа е големата идеја за јужните пристаништа во Европа, пред се пристаништата во Пиреа и Солун, но тука доаѓаат и пристаништата во Игуменица, Волос и Кавала. Кога еден брод ќе помине низ Суецкиот канал за да стигне до северните пристаништа на Европа, од типот на Ротердам, Антверпен, Хамбург, му требаат помеѓу 22 и 27 денови да помине низ теснецот Гибралтар, да ја заобиколи Европа и да дојде до северните пристаништа. Причината зошто се користат тие пристаништа е затоа што во Јужна Европа нема развиено добра инфраструктура и откако ќе се истовари робата во пристаниште многу тешко оди нагоре кон Централна Европа. Со развојот на добра инфраструктура, пред се железничка, ќе се скрати патувањето за 22 дена, што целосно ќе ја промени економијата и трговијата барем во Централна Европа, истакна Николоски.

Тој ги потенцираше и придобивките кои ќе ги имаат граѓаните кои живеат во градовите и населените места околу брзата пруга.

Очекувам сообраќајот на релација Куманово-Скопје се намали за најмалку 50%, Скопје-Велес исто така како и Скопје-Гевгелија, а во втора фаза очекуваме да пуштаме отсечки кои што ќе треба да ги спојуваат другите градови кон брзата пруга. Тука се планирани градовите Кавадарци, Неготино, Штип и Кочани. Така што ќе добиеме една целосна нова димензија и нов начин на функционирање, заклучи вицепремиерот Николоски.

01.08.2025 - 18:20

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега