Николоски на средба со Ал Мухари - Македонија нуди атрактивни можности за инвестиции

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ја предводи македонската делегација состaвена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, Игор Јанушев, генерален секретар на Владата и Гоце Димовски, директор на Дирекцијата на ТИРЗ, која денеска во Абу Даби оствари средба со Валид Ал Мокараб Ал Мухари – заменик извршен директор на “Мубадала’ инвестициска компанија од Обединетите Арапски Емирати.
На средбата на која се разговараше за потенцијалната соработка, Николоски ги презентираше условите што ги нуди Македонија на странските инвеститори, како и потенцијалните можности за инвестиции во Македонија.
Вицепремиерот Николоски истакна оваа средба е добра можност за отворање на нови перспективи меѓу двете земји, потенцирајќи дека Македонија има одлична геоположба која на инвеститорите им нуди предност во регионот и директно поврзување со пазарите во Централна Европа.
На средбата, Николоски ги презентираше и инвестициските можности во делот на туризмот, инфраструктурата и земјоделието. Тој пред присутните го претстави планот за инфраструктурен развој на Република Македонија со посебен фокус на модернизација на транспортните коридори.
Исто така на средбата се разменија и идеи за поддршка на претприемаштвото и приватниот сектор во делот на технологијата, иновациите, обновливите извори на енергија и други сектори.
“Мубадала” е инвестициска компанија со портфолио од 302 милијарди долари која работи на шест континенти во различни сектори.
Денешната средба е во рамки на владината официјална посета на Обединететите Арапски Емирати.
16.04.2025 - 16:40
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа