МЗ: Пациентот што почина на Онкологија е донесен во многу тешка состојба, пациентот починал и покрај сите преземени мерки

Министерството за здравство во врска со случајот со починатиот пациент на Клиника за онкологија информираше дека пациентот е донесен во исклучително тешка состојба, со 4 стадиум метастази на коски, што било констатирано пред една година и дадена терапија.
„Од страна на медицинскиот тим веднаш била иницирана постапка за обезбедување крвен дериват. За жал, додека трае оваа процедура, пациентот починал и покрај сите преземени мерки.
Исто така, потенцираме дека семејството на пациентот одбило да се изврши обдукција.
Наводите за губење на медицинската историја на пациентот се неточни, ниту имаат каква било поврзаност со третманот на пациентот“, соопшти МЗ.
Министерството за здравство упатува апел до јавноста за почитување на интегритетот, достоинството и професионалноста на сите лекари и здравствени работници. Вербалните и физички закани не смеат да бидат дел од општеството кое се стреми кон хуманост и грижа за здравјето.
Секојдневната работа на Клиниката за онкологија и радиотерапија, но и на другите здравствени установи, носи големи предизвици и емоционален товар. Медицинските тимови постојано се соочуваат со тешки состојби и неизвесни исходи, вложувајќи максимални напори во спасување животи и обезбедување највисок можен квалитет на грижа.
Министерството уште еднаш потсетува дека лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства. Само преку заемна доверба, почит и поддршка можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите.
16.09.2025 - 15:21
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа