МОН: Учебници има за сите ученици, е-дневникот функционира беспрекорно

 


Министерството за образование и наука реагира на прес-конференцијата на политичката партија СДСМ од каде со истите, препишани лански соопштенија се обидуваат да девалвираат нешто што е добро сработено сега, а требало токму тие да го сработат во изминатите седум години. За жал, четири нивни министри не успеаја да обезбедат нови учебници, ниту пак да го унапредат електронскиот дневник со кој наставниците имаа големи предизвици до оваа учебна година.

Информираме дека учебници има, за сите ученици. Министерството за образование и наука годинава го испечати целиот тираж кој го побараа сите училишта, преку посебната електронска апликација за пријавување на потребни количини на учебници. Испечатени се претходно одобрените учебници по сите предмети, новите за седмо одделение и за прва година во гимназиите, но и новите по странските јазици по кои недостасуваа седум години!


 

Најголем дел од тиражот, над 90% се испорачани, а на дистрибутерите им се потребни уште неколку дена за да ја заокружат целосно испораката. Понатаму, планот за распределба на учебниците кон ученици го прават училишните раководства и персоналот, потенцираат од МОН.

По однос на новиот електронски дневник, информираме дека истиот е изработен со поддршка од Европската унија преку ИПА фондовите, тестиран е заедно со корисниците и функционира одлично. Во системот веќе се евидентирани повеќе од 250 илјади корисници – наставници, класни раководители, директори и администратори. Веќе се внесени повеќе од 90% од податоците за учебната 2025/2026 година. Над 15 илјади паралелки се креирани, а класните раководители внесоа над 3000 распореди. Податоците од старите системи се пренесени во новиот систем, соопшти МОН.

Од почетокот на користењето на системот, нема никакви предизвици, а министерството е постојано на располагање за било каква потребна корисничка и техничка поддршка преку службена е-пошта.

Функционалноста на е-дневникот дневник се проверува многу едноставно, од страна на било кој граѓанин, електронски со пристапување кон линкот https://ednevnik.edu.mk . Лесно можат и СДСМ да проверат. Но, болката им е неуспехот од изминатите години кој ги одведе во опозиција, па оттука и ваквите паушални обвинувања за да создадат слика дека сите се исти како нив. Потсетуваме, четири министри за образование се сменија во мандатот на претходната Влада и никој ниту обезбеди учебници, ниту активираше функционален електронски дневник, потенцираат од министерството.

04.09.2025 - 17:39

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега