МОН: Градиме училишта со нулта толеранција за насилство
Насилството меѓу младите се рангира меѓу највисоките приоритети на ЕУ, поттикнувајќи бројни стратегии, програми и иницијативи за борба против него.За жал, и кај нас оваа тема е меѓу важните. Извештајот што денес се презентира не е само дијагноза на реалноста туку ќе ни послужи и како алатка во јакнење на политиките, дизајнирање на мерки и утврдување соодветни активности за справување со насилството, рече Елена Ивановска, државен секретар во Министерството за образование и наука во обраќањето на презентацијата на извештајот за врсничко насилство кај учениците од 11, 13 и 15 години во Македонија.
За да може да се реализира квалитетен воспитно-образовен процес неопходно е учениците да се наоѓаат во безбедно, сигурно и заштитено опкружување, каде се развива и негува атмосфера на соработка и конструктивна комуникација, каде се почитуваат различностите, посочи Ивановска, додавајќи дека Министерството за образование и наука е посветено на градење училишта со нулта толеранција за насилство.
„Во оваа насока, училиштата организираат наставни и воннаставни активности за учениците, насочени кон подигнување на свеста за ненасилна комуникација како и за постапување доколку дојде до насилно однесување. Клучната алка е наставникот. Од него почнува превенцијата и, во крајна линија, наставникот е тој што треба да се справи со однесувањето на учениците. Затоа Обуките за стручно усовршување на наставниците во основните и средните училишта содржат цело подрачје - Создавање стимулативна средина за учење каде темите се однесуваат на справување со врсничкото насилство, разрешување конфликти, развој на етички принципи и вредности и слично. Како помош на наставникот делуваат стручната служба во училиштето и Педагошката служба при министерството“, нагласи Ивановска.
Учениците, родителите и другите засегнати можат да пријават случаи на насилство во училиште на посебната електронската адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk. Годинава, на оваа адреса, стигнале 48 пријави. Од нив, 28 се разрешени, а 20 се во процедура. Бројот на случаи е значително помал од минатата учебна година, кога имаше над 120 пријави.
Освен на посебната електронска адреса, врсничко насилство може да се пријави и директно во Педагошката служба или во Државниот просветен инспекторат.
Ивановска кажа дека за да се направат културни промени во светот на младите тие треба да почнат во светот на возрасните, зашто не можеме да очекуваме ненасилно однесување од младите ако различни форми на насилство ги нормализираме во нашите семејни, професионални и општествени релации.
Националниот извештај за врсничкото насилство кај учениците од 11, 13 и 15 години, е изработен во рамки на Студијата за однесувањата поврзани со здравјето на децата на училишна возраст, меѓународна лонгитудинална студија која се спроведува секоја четврта година, во соработка со Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа, а ја спроведува Центарот за психо-социјална и кризна акција-Малинска, со одобрение од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието и во соработка со Фондот за население на Обединетите Нации - УНФПА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа