Мицкоски: Ова не е политика на ветувања, туку политика на испорака, од денес е пуштен во употреба патот од Охрид до Св. Наум
Денес, овде од брегот на Охридското Езеро, испраќаме силна и јасна порака – Македонија се гради, изјави премиерот Христијан Мицкоски по повод пуштањето во употреба на реконструираниот регионален пат од Охрид до Свети Наум.
Го пуштаме во употреба реконструираниот регионален пат од Охрид до Св. Наум – пат кој беше заборавен. Пат кој го заслужуваше Охрид, го заслужуваа граѓаните, туристите. И сега, конечно, го добиваме, истакна Мицкоски.
Со инвестиција од 11,7 милиони евра, реконструирани се 24,3 километри современ магистрален пат. Реконструкцијата опфати целосна санација на коловозот, поставување нова сигнализација, безбедносни огради и проширување каде што теренот дозволуваше. Направени се и заштитни интервенции на ризичните косини, сè со една цел: безбедност, сигурност и долготрајност.
„Но ова денес не е само пуштање на пат. Ова е уште една потврда за определбата на Владата – да се гради, без многу врева. Без партиски и бизнис спектакли. Со план, со јасна визија и многу работа“, нагласи премиерот.
Мицкоски информираше дека во моментов, паралелно се градат неколку клучни патни правци. Автопатот Кичево – Охрид силно се забрзува, делниците Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани се активни, а се работи и на подготовка за градба на делницата Букојчани – Кичево. „Тоа значи дека целосно го затвораме автопатниот прстен во Западна Македонија. И тука не застануваме“, додаде тој.
„Нашата стратегија е јасна – инфраструктурата не е трошок, таа е инвестиција во иднината на државата. Инфраструктурата ги отвора вратите за туризам, за економија, за регионално поврзување, за работни места, за живот со достоинство.“
Во однос на туризмот, Мицкоски истакна дека април е успешен со повеќе од 20% поголем број на странски туристи споредено со истиот период минатата година, а истиот тренд е забележан и во првите четири месеци од годината, како и кај бројот на преноќувања.
„Овој пат, што денес го пуштаме, не поврзува со еден од најголемите духовни и туристички центри на Балканот – манастирскиот комплекс Св. Наум. Тој ги поврзува и сите плажи и туристички капацитети на јужниот дел од Охридското крајбрежје. И не само тоа – тој е и дел од регионалната врска со Република Албанија“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Охрид, градот под заштита на УНЕСКО, полека, но сигурно, го добива ликот на посакувана и пристапна европска дестинација. „Го поврзавме со светот преку нови авио линии, преку Истанбул, Меминген, Виена, Белград. Денес, преку обновени патишта, овозможуваме да дише слободно и да се развива како што му прилега.“
„Почитувани пријатели, ова не е политика на ветувања, туку политика на испорака. Граѓаните гледаат резултати – не нацртани проекти, туку изведени, пуштени и функционални. Татковината се гради таму каде што, за жал пред нас беше пустош, застој и многу корупција“, порача Мицкоски.
„Додека некои зборуваа, ветуваа, ние изградивме патишта, проекти, доверба. Ние не пуштаме само пат – пуштаме патека кон иднината. Ова е Македонија која се движи напред. Тивко, упорно и со резултати. Татковина која ја градиме со труд, чесност и одговорност. И тоа го правиме за секој човек, за секое дете, за секој граѓанин. Охрид заслужува. Македонија заслужува. А ние сме тука – да го изградиме тоа што долго беше запоставено. Со работа. Ќе повторам, без многу галама. Без бучава. Без привилегирани. Со срце и визија. Нека е со среќа, и нека служи на доброто на сите граѓани! Бог да ја благослови Македонија“, истакна Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа