Мицкоски нема да набави 250 автобуси како што побара Арсовска во писмото

Премиерот Мицкоски не го прифати барањето на градоначалничката Арсовска тој да набави 250 автобуси оти советниците во градскиот совет не го дозволуваат тоа. Од Владата ѝ порачаа прво да почне да си ги плаќа ратите за автобусите од мандатот на Шилегов и да го исплати долгот кон приватните превозници.

„Арсовска свесно го уништува Град Скопје. Арсовска има уште една година од мандатот и по освоени 1.600 гласа на парламентарните избори се збогува со политиката. Таа како и нејзиниот коалициски партнер СДСМ, Левица и ДУИ сака после себе да остави целосно уништен град.
Тоа нема да го дозволиме.

Пред Арсовска да нуди дека парите за нови автобуси ќе ги ставела на посебна сметка, прво нека си ги плаќа ратите за автобуси набавени од Шилегов, за да не ги плаќа Владата која сега ги плаќа. 

Второ Арсовска треба да ги исплати парите кон приватните превозници што им ги должи, а со чие функционирање се пополнува празнината на ЈСП во сообраќајот.

На скопјани им треба брзо решение за излез од состојбите, а тоа што го бара Арсовска е процес за набавка на автобуси што трае од една до една и половина година.

Данела Арсовска пред Владата и пред јавноста вети дека ќе достави план за озлез од катастрофалните состојби во Скопје. План нема, а излезот го гледа во тоа друг да ги купи автобусите и друг да го исчисти градот, што е нејзина обврска и надлежност.

Арсовска бараше програмите да бидат изгласани. Ние тврдевме дека за успешен град Скопје не е клучно гласањето на програмите туку ефикасен менаџмент. Програмите се изгласани, сега Арсовска смислува ново алиби за својата неуспешност“, велат од Владата.

Вчера Арсовска испрати отворено писмо до премиерот за набавка на нови автобуси за Јавното сообраќајно претпријатие.

Арсовска е подготвена Градот да ги даде парите, а Влада да ја води постапката.

„Ве замолувам, како претседател на Владата доколку не можете да ги убедите советниците во град Скопје да гласаат за набавка на нови автобуси, тоа да го направите вие. Набавете автобуси за главниот град. Доколку Владата нема средства за оваа намена, ние сме подготвени, а со одлука на Советот на Град Скопје, да ви ги префрлиме потребните средства на посебна сметка, а вие да ја спроведете набавката. Апелирам до Вас, личните недоразбирања да не бидат причина за блокада на главниот град, а на штета на граѓаните на градот Скопје“, вели Арсовска.

Градоначалничката уверува дека е подготвена да ги прифати сите барања и услови на Владата.

„Доколку е ова прифатливо, предлагам да закажеме вонредна седница на Советот на Град Скопје во среда на 4-ти септември на која заеднички ќе донесеме одлука за набавка на нови 250 еколошки автобуси и останатите одлуки неопходни за непречено функционирање на градот. Предлагам условите за набавка на новите автобуси, начинот, динамиката и финансирањето да го предложите Вие како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а да го предложите преку Вашите советници во Советот на Град Скопје“, вели Арсовска во писмото.

 

Арсовска победи на локалните избори во 2021 година како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш заедно со Мицкоски ветуваа набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен превоз за сите граѓани.

 
31.08.2024 - 16:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега